
По повод 7 април – Меѓународниот ден на здравјето, ЈЗУ Здравствен дом „Железничар“ во Скопје организира бесплатни, превентивни прегледи со цел навремено откривање и превенција на заболувања. Прегледите ќе се реализираат на платото пред влезот на ЈЗУ ЗД „Железничар“ од 12 до 14 часот. Ќе се вршат прегледи за кардиоваскуларно здравје – мерење крвен притисок, проверка на шеќер и холестерол во крв, мерење на телесна тежина и висина, мерење на обем на струк и колк, ќе има можност за консултации со медицински лица, како и за други совети за здрав живот, соопштија од јавната здравствена установа.
На акцијата ќе се придружи и „Хема-онко“, здружение посветено на пациенти со рак и нивни негователи. Настанот ќе биде збогатен со изложба на Живко Поповски Цветин под мотото „Цвеќе, здравје, мир“. Тој е познат сликар и хуманист на домашната и меѓународната сцена по својата уникатна уметничка изразност во која цветот е централниот симбол. Ќе ни се придружат и поетите Драгица Пандиловска, Павле Стојановски и Љубица Бунтеска, како и оперската певица Серафима Фантаузо, информираа од здравствениот дом.


