
Во центарот на Скопје денеска се одржа протестен марш како израз на незадоволство од непочитувањето на Законот за употреба на јазиците при полагањето на правосудниот испит.
Студентите се собраа со албански и американски знамиња, како и со транспаренти на кои беа испишани пораки „Стоп за институционалната дискриминација“. Тие побараа правосудниот испит да може да се полага на албански јазик, согласно законските одредби, објави 4news.mk.
Протестот имаше и силни политички пораки, меѓу кои „Охридскиот договор не се преговара повторно“ и „Законот за јазиците е јасен“. Дел од демонстрантите упатија директни пораки до правосудните институции и Уставниот суд, а се слушаа и скандирања „Не го допирајте Законот за јазиците!“, проследени со повици за одговорност и оставки.
Покрај барањето за обезбедување право за полагање на испит на албански јазик, учесниците побараа и оставка од министерот за правда, оценувајќи дека актуелната состојба претставува дискриминација кон албанските студенти.
Маршот започна пред плоштадот „Карпошово востание“, продолжи по улицата „11-ти Март“, преку Камениот мост и улицата „Никола Вапцаров“, а заврши пред Министерството за правда на улицата „Димитрие Чуповски“.
Од Министерството за внатрешни работи апелираа до граѓаните да ги почитуваат насоките на полицијата, бидејќи сообраќајот во централното градско подрачје беше привремено пренасочен поради протестот.


