Утрински Весник
Свет

Русија: САД треба да се откажат од „јазикот на ултиматуми“ кон Иран

Rusija.jpg

Русија се надева дека напорите за намалување на тензиите околу конфликтот во Иран ќе вродат со плод и оти САД ќе придонесат за тоа со „откажување од јазикот на ултиматуми и враќање на дијалогот“, соопшти руското Министерство за надворешни работи.

Во соопштението објавено по разговорите меѓу рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и неговиот ирански колега Абас Арагчи, се повикува „да се избегнуваат активности, вклучително и во Советот за безбедност на ОН, што би можеле да ги поткопаат преостанатите шанси за напредок во политичките и дипломатските напори за решавање на кризата“.


Русија ги поддржува напорите за намалување на тензиите „во интерес на трајна и одржлива нормализација на ситуацијата на Блискиот Исток, за што САД би помогнале да се постигне доколку го напуштат јазикот на ултиматумите и се вратат на дијалогот“.

Порано денеска, Лавров имаше телефонски разговор и со својот кинески колега Ванг Ји. Според соопштението од Пекинг, Ванг ја изразил подготвеноста на Кина да ја продолжи соработката со Русија во рамките на Советот за безбедност на ОН за решавање на кризата во Ормуската Теснина.

Разговорот меѓу шефовите на дипломатиите на Русија и на Кина се одржа во пресрет на гласањето во Советот за безбедност на ОН следната недела за резолуцијата поднесена од Бахреин за заштита на цивилниот превоз во и околу Ормуската Теснина.

Можете да прочитате

Млад човек почина откако беше застрелан за време на полициска потера во Германија

Украина ги отфрла обвинувањата дека е поврзана со откриениот експлозив во Србија

Тројца загинати од урнато дрво во шума во северна Германија