
Универзитетската Клиника за гинекологија и акушерство во Скопје ги потврди информациите дека во петокот, на 28 март, дошло до краткотраен прекин на електричната енергија во една од просториите на Одделението за интензивна нега и терапија.
Откако во јавноста се појавија тврдења дека поради прекинот престанале да работат и инкубаторите во кои биле сместени предвреме родени бебиња, од ГАК соопштија дека веднаш било постапено според сите предвидени протоколи и дека ниту едно новороденче не било загрозено.
„На 28 март имаше кус прекин со напојувањето на електричната енергија во една од просториите на Одделението за интензивна нега и терапија, но веднаш е постапено по сите протоколи. Клиниката е подготвена согласно протоколите веднаш да реагира, при што ниту еден живот на ниту едно новороденче не беше загрозен. Клиниката располага со современ систем на напојување на електрична енергија во случаи на рестрикција на струја. Бебињата си ја добиваа потребната терапија и потребната количина на кислород без застој“, информираат од Клиниката.
Од ГАК посочуваат дека нема простор за загриженост за здравјето ниту на бебињата, ниту на останатите пациенти хоспитализирани на Клиниката.
Според информациите од установата, во просторијата која била погодена од прекинот во тој момент имало шест новороденчиња.

