Утрински Весник
Македонија

Граѓаните од ранливите категории ќе можат полесно да аплицираат за инвертер клима уреди

Klima.webp.webp

Граѓаните од ранливите категории годинава ќе можат побрзо и полесно да аплицираат за добивање ваучери за инвертер клима уреди, откако Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини објави нов јавен повик со целосно дигитализирана постапка.

За првпат, аплицирањето ќе се одвива исклучиво онлајн преку платформата www.aplikanti.energy.gov.mk, со што се елиминира потребата од поднесување документи во хартиена форма и чекање пред институциите. Од Министерството посочуваат дека ова претставува чекор кон модернизација на јавните услуги и олеснување на пристапот за граѓаните.


Јавниот повик се реализира во рамки на Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за 2026 година и предвидува доделување ваучери за набавка и вградување инвертер клима уреди со моќност од 3,5 kW и енергетска класа најмалку А+. Целта е да се намалат трошоците за енергија и да се подобри енергетската ефикасност во домаќинствата.

Право на учество имаат домаќинства во кои живеат лица со попреченост кои користат надоместок, како и домаќинства со деца со попреченост до 26 години кои добиваат посебен додаток. За аплицирање се утврдени доходни критериуми, при што надоместоците за попреченост не се вклучуваат во пресметката на вкупниот доход.

Апликантите ќе треба да достават комплетна документација по електронски пат, вклучително изјава заверена на нотар, решенија за остварени права и докази за составот на домаќинството. Доколку апликацијата е нецелосна, ќе биде овозможен рок за нејзино дополнување.

Изборот на корисници ќе се врши врз основа на комплетни и уредни апликации, сè до исцрпување на средствата, а Министерството дополнително ќе ги проверува податоците преку надлежните институции. Конечните листи ќе бидат јавно објавени.

Рокот за аплицирање е 30 дена од денот на објавувањето на повикот.

Можете да прочитате

Инцидент во Битола: Дел од плафонот паднал во Големата сала во Центарот за култура 

Инцидент во Битола: Дел од плафонот паднал во Големата сала

Сиљановска-Давкова ги прими акредитивните писма на новоименуваната амбасадорка на Република Перу