
Луѓето кои консумираат овошје и зеленчук со повисоко ниво на остатоци од пестициди имаат значително поголема концентрација на овие хемикалии во организмот, покажува најновата анализа на Environmental Working Group.
Истражувањето ги поврзува податоците на американското Министерство за земјоделство со здравствени информации од речиси 2.000 испитаници и укажува дека изборот на намирници директно влијае врз изложеноста на пестициди. Иако тие се користат за заштита на посевите, научниците предупредуваат дека одредени нивоа можат да бидат ризични за здравјето, особено кога станува збор за хормонални нарушувања и зголемен ризик од болести.
Според резултатите, лицата кои почесто консумираат намирници како јагоди, спанаќ, нектарини и грозје – кои се познати по повисоки остатоци од пестициди – имале значително повисоки вредности на овие супстанции во урината. Наспроти нив, оние кои претежно јаделе манго, карфиол, аспарагус и киви, имале пониски нивоа.
Истражувачите анализирале податоци за периодот од 2013 до 2018 година, кои ги споредиле со анкети за исхрана и лабораториски анализи од Националното истражување за здравје и исхрана во САД. Врз основа на тоа, била развиена посебна методологија за проценка на изложеноста на пестициди преку исхраната.
Резултатите покажале јасна поврзаност меѓу типот на исхрана и присуството на пестициди во телото, при што јагодите, спанаќот и пиперките се издвојуваат како најчести извори.
Сепак, научниците нагласуваат дека реалната изложеност може да биде и поголема, бидејќи вообичаените анализи опфаќаат само дел од пестицидите што се наоѓаат во храната. Дополнително, луѓето се изложени на комбинација од повеќе хемикалии, а не само на поединечни супстанции.
И покрај овие сознанија, експертите потенцираат дека овошјето и зеленчукот треба да останат клучен дел од здравата исхрана. За намалување на ризикот, се препорачува темелно миење на намирниците и, каде што е можно, избор на органски производи, особено за оние со повисоки остатоци од пестициди.

