
Труењето со храна кај вработените во РЕК Битола е предизвикано од бактеријата Салмонела, покажаа анализите на надлежните институции по пријавените случаи на стомачни тегоби.
Резултатите ги соопшти Центарот за јавно здравје, по спроведените испитувања во соработка со Институт за јавно здравје, Државен санитарен и здравствен инспекторат и Агенција за храна и ветеринарство.
Инцидентот се случил на 24 март, кога околу 120 вработени во РЕК Битола побарале лекарска помош по консумирање на оброк во мензата – лазањи со сос, подготвени во кујната на комбинатот.
Од Агенцијата за храна извршиле контроли и зеле мостри од храната, како и брисеви од работните површини и од вработените, вклучително и од рацете и носот. По извршените проверки, мензата со која стопанисува ЕСМ Молика била затворена.
Дополнително, кај еден од вработените било утврдено присуство и на стафилококна бактерија, што дополнително укажува на сериозни пропусти во хигиенските стандарди.
Надлежните институции најавуваат понатамошни мерки и контроли со цел утврдување на одговорноста и спречување на вакви случаи во иднина.


