
Граѓанската иницијатива „О.К. Млади“ најави масовен протест што ќе се одржи во петок во 12 часот пред бараките на Град Скопје, во Градскиот парк, револтирани од, како што велат, укинувањето на концептот „Скопје што се грижи“ и промените во раководството на ЈП Лајка.
Од иницијативата посочуваат дека протестите нема да бидат еднократни, туку ќе продолжат и во наредните денови, сè до исполнување на нивните барања.
„Ова не е само разрешување, туку удар врз принципите, јавниот интерес и врз сите нас“, се наведува во повикот, во кој се потенцира дека станува збор за луѓе кои, според нив, со години работеле посветено на воспоставување систем за заштита на животните и спасиле илјадници бездомни кучиња.
Организаторите обвинуваат дека наместо професионалци, се поставуваат „послушни кадри“, додавајќи дека нема да дозволат, како што велат, уништување на систем кој функционирал и давал резултати.
Тие бараат итно повлекување на одлуката, враќање на претходниот концепт и институции кои ќе работат во интерес на граѓаните.
Повод за реакциите е смената на досегашната директорка на ЈП Лајка, Радмила Пешева, на чие место е назначен Војислав Димитровски.
Од Град Скопје тврдат дека не станува збор за разрешување, туку за истек на мандатот на Пешева, додека таа јавно реагираше оценувајќи ја одлуката како политички мотивирана. Поддршка ѝ дадоа и од Анима Мунди.
„Ова не е борба за една функција, туку за вредности – хуманост, правда и Скопје што се грижи“, порачуваат од „О.К. Млади“, повикувајќи ги граѓаните масовно да се приклучат на протестот.

