Утрински Весник
Македонија

Филипче: ЕУ е национален интерес – не сакаме децениска изолација

Prets sdsm filipce 2.jpg

Соопштение за јавност на СДСМ:

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во денешното обраќање пред јавноста остро го нападна Христијан Мицкоски за туркањето на земјата во изолација, по неговите изјави дека е подготвен да чека децении за членство во ЕУ. Порача дека иднината на државата е во ЕУ и дека  граѓаните не смеат да бидат заложници на политики кои носат стагнација, сиромаштија, иселување на младите, криминал и корупција.


„Го слушнавте сите Христијан Мицкоски. Подготвен бил да чека со децении за влез на Македонија во ЕУ. Да потроши децении од вашите животи, од животите на вашите деца, внуци, на идните македонски генерации”, истакна Филипче.

Тој нагласи дека ваквите политики значат директна закана за иднината на државата.

„Со Мицкоски и неговата Организирана криминална група нема членство во Европската Унија. Значи, децении загарантирана сиромаштија, загубени генерации поради засилено иселување на младите, карта во еден правец за македонската младост. Значи децении криминал и корупција без никаква контрола. Бизнисменот Мицкоски може да чека. Ама напатениот народ и работниците кои едвај врзуваат крај со крај, со ниски плати и високи цени, не можат и не смеат и нема да чекаат. За спас многу наши граѓани ќе бидат принудени да вадат бугарски пасоши. Ќе останеме и без држава и без народ.” предупреди Филипче.

Тој додаде дека со ваквите политики се загрозуваат клучните национални интереси.

„Мицкоски ги предаде македонските национални интереси, стратешката определба на земјата да биде рамноправен дел со обединетите народи на Европа. За македонскиот народ, членството во ЕУ значи интеграција како Македонци кои говорат македонски јазик, рамноправни во големото европско семејство. За сите наши граѓани, членството во ЕУ носи пари, пристапни фондови до 40 милијарди евра, поголеми плати, повисоки пензии, подобро образование, подобра инфраструктура, подобро здравство и правда.” рече Филипче.

Претседателот на СДСМ порача дека Македонија нема децении за губење.

„Немаме децении за губење. Тоа се нашите животи, тоа се животите на нашите деца и внуци. Македонија нема децении за губење! Оваа земја не е создадена за да чека, туку да оди напред, да биде слободна, демократска и европска.”

Филипче најави дека СДСМ ќе се спротивстави на најавите за изолација на земјата и повика на обединување околу европската иднина.

„СДСМ и коалицијата сме подготвени силно да се спротивставиме и да ја водиме борбата за европска Македонија. Ве повикувам да се приклучите. Да се обединиме околу идејата за напредна, европска Македонија – против изолацијата, против криминалот и корупцијата. Јас нема да дозволам, СДСМ нема да дозволи да згасне сонот на граѓаните за Европа. Борбата допрва почнува – ќе ја вратиме државата на европскиот колосек и ќе ја внесеме Македонија во Европската Унија”, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Можете да прочитате

Во напуштен објект во Аеродром пронајден починат 38-годишен маж

Бојчевиќ: Исказот на Јовановски е манипулација за избегнување одговорност, судењето продолжува со изведување докази

Уапсен гостиварец, возел во спротивна насока на автопатот Скопје- Велес