
Премиерот Христијан Мицкоски денеска упати порака на оптимизам во однос на економската динамика на државата, информирајќи дека реализацијата на капиталните инвестиции во првиот квартал од 2026 година изнесува над 30 проценти, додека во секторот транспорт таа надминува 50 отсто.
Автопатите под лупа: Предизвици со УНЕСКО и нови финансии За време на увидот во реконструкцијата на аеродромот „Св,, Апостол Павле“ во Охрид, премиерот појасни дека изградбата на патната инфраструктура продолжува со засилено темпо, иако кај одредени делници се наметнуваат промени.
Требениште – Струга – Ќафасан: Проектот веројатно ќе претрпи измени бидејќи дел од трасата влегува во заштитениот периметар на УНЕСКО. Мицкоски нагласи дека се бара алтернативен начин за безбеден сообраќај кој нема да го загрози природното наследство.
Кичево – Охрид: По прекинот на финансирањето од кинеската банка, Владата обезбедила средства преку заем од домашните банки за овој проект конечно да биде завршен и пуштен во употреба.
Коридорите: Премиерот информира дека со законски измени надлежноста за автопатите е вратена во ЈПДП. Тој истакна дека државата завршила 90% од своите обврски, па сега динамиката зависи од организацијата на изведувачите.
„Решаваме наследени проблеми без нови долгови“
Мицкоски упати критика до претходната власт за, како што рече, лошото менаџирање со ресурсите, но подвлече дека актуелниот владин состав успешно ги дефинира приоритетите.
„Имаме ограничен број ресурси, но не создаваме нови проблеми и не креираме лошо наследство за генерациите по нас. Еден по еден, приоритетите ги завршуваме токму како што ветивме“, истакна премиерот.
Нови авиолинии за подобра поврзаност
Во делот на авиосообраќајот, беше потврдено дека од денеска официјално стартува линијата Охрид – Милано. Од мај, преку „Аустриан ерлајнс“, Охрид ќе биде директно поврзан и со Виена, а веќе се активни летовите до полските градови Вроцлав и Катовице. Премиерот најави дека Владата работи на воведување дополнителни линии кои ќе им бидат од корист на иселениците и на туризмот.


