Утрински Весник
Македонија

Асфалтот кај Теферич пропаднат до еден метар

E5ea2883 b20a 417b 90cf ec96e21e10dd.jpeg

Жителите на општина Кисела Вода и околните населби алармираат за сериозно влошување на состојбата на патот кон Теферич, кој повторно е оштетен и небезбеден за сообраќај, иако беше саниран пред само неколку месеци.

Според нив, во изминатите денови дошло до ново проширување на свлечиштето, при што коловозот е значително деформиран. На одредени делови асфалтот е пропаднат и до еден метар, а пукнатините на патот продолжуваат да се шират, патот е затворен од страна на општината.


„Ова не е нов проблем. Со години се повторува истото – се прави патот, па пак пропаѓа. Овој терен е нестабилен и не се решава суштината“, велат жители од Кисела Вода.

Еден од нив посочува дека дел од трасата е изграден на насип, што ја зголемува можноста за лизгање на земјиштето. Дополнително, според него, претходно под стариот пат имало канали за одведување на водата, кои денес недостасуваат.

„Ако се направи соодветна дренажа, проблемот може да се ублажи. Ова го знаат и градежниците, но очигледно не се применува“, додава жителот.

Патот последен пат беше реконструиран во текот на минатата година, кога по повеќемесечна санација беше повторно пуштен во употреба. Сепак, по обилни врнежи, повторно дојде до оштетувања и свлекување на делови од коловозот.

Ова не е првпат оваа сообраќајница да се соочува со вакви проблеми. Во изминатите години, патот неколкупати беше затворан и повторно отворан поради свлечишта и санации, но ниту една интервенција не обезбеди трајно решение.

Жителите предупредуваат дека состојбата станува сè поопасна и апелираат до надлежните институции итно да преземат мерки, пред да дојде до посериозни последици.

Можете да прочитате

80-годишен Грк осомничен за убиството на ловочуварот кај Виница

Јавното обвинителство ја поздравува реакцијата на ЗНМ и ССНМ

Променливо и посвежо време со дожд од вторник