Утрински Весник
Македонија

Дончиќ: За Македонија и Хрватска нема подобра опција од ЕУ

Sdsm i sdp hr 2.jpg

Претседателот на Социјалдемократската партија на Хрватска, Синиша Хајдаш Дончиќ, на денешната заедничка прес-конференција со претседателот на СДСМ, Венко Филипче, нагласи дека европската интеграција е од клучно значење за продлабочување на односите меѓу Македонија и Хрватска. Тој порача дека не постои подобра асоцијација од Европската Унија за народи како македонскиот и хрватскиот.

„ЕУ ќе нè зближи уште повеќе и ќе овозможи во депопулациските региони, каде што луѓето за жал заминуваат и во Македонија и во Хрватска, одредени работи да се финансираат со европски средства. И тоа е важно. Но јас Европа не ја гледам исклучиво низ призмата на парите, туку и низ призмата на тоа зошто и како е создадена, а таа е создадена од хумани идеи. По векови војни, Европа всушност живее во мир”, рече Хајдаш Дончиќ.


Воедно, на прес-конференцијата Хајдаш Дончиќ потенцираше дека суштината на социјалдемократските политики е праведната распределба на создадената вредност уште во примарната фаза.

„Сакаме примарната распределба сликовито кажано, во фабриката, помеѓу работниците и сопствениците на капитал да биде праведна, не секундарната преку даноци, такси, субвенции и социјална помош, туку примарната. За тоа речиси никој не зборува ниту во Македонија освен СДСМ, ниту во Хрватска освен СДП. Социјалдемократијата не исчезнала и не пропаднала ниту во Македонија ниту во Хрватска бидејќи социјалдемократите единствени даваат одговор на две прашања, ние се залагаме за додадена вредност и сме против доминација на капиталот”, рече  Хајдаш Дончиќ.

Во своето обраќање,  Хајдаш Дончиќ ја истакна и важноста од заедничката визија и соработка меѓу социјалдемократските партии во двете земји.

„Тука сум кристално јасен. И она што денес ми е освежување е што со моите луѓе, пријатели и другари, со кои делиме иста визија, исти стравови, но и иста надеж дека во Македонија и во Хрватска може да биде подобро со силна социјалдемократска партија.Затоа јас и мојот колега претседателот Филипче се договоривме градовите во Македонија, односно општините каде што градоначалниците се од СДСМ, уште повеќе да се поврзат со хрватските градови и општини каде што градоначалниците се од СДП но не само поради политика, туку и за заедничка подготовка за Европската Унија и за средствата што доаѓаат, со цел што подобро да се искористат”, рече Хајдаш Дончиќ.

Можете да прочитате

Семејствата на жртвите од „Пулс“ бараат враќање на обвинителката што го водеше предметот против полицајците

Две лица уапсени за семејно насилство во последните 24 чса

„Фингерпринтот” за докторите е понижувачки смета Филипче