Утрински Весник
Балкан

Мицотакис: Европа мора да има план ако биде нападната

Micotakis.jpeg

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис ги посочи можните последици што војната на Блискиот Исток би можела да ги има врз Грција и Европа, нагласувајќи дека Европа мора да биде подготвена, со јасен и употреблив план, во случај на напад врз нејзина територија.

Тој нагласува дека настаните што се случуваат на илјадници километри директно влијаат врз Грција и Европа – од геополитичките тензии и енергетската несигурност до промените во економијата, работата и функционирањето на државата, бидејќи, како што вели, сè е меѓусебно поврзано и обликува нова средина на предизвици, но и можности, објавува денес „Катимерини“.


Мицотакис предупредува дека продолжената геополитичка тензија на Блискиот Исток не е далечна криза и потсетува дека таа веќе предизвика силен енергетски шок, со директни последици за домаќинствата и бизнисите низ цела Европа.

„На Европскиот совет во Брисел разговаравме за целиот спектар на влијанието на кризата, врз цените на енергијата, врз потрошувачите и компаниите, но и врз миграцијата. Потребни се насочени национални интервенции. Во исто време, Европа мора да има специфична алатка, способна да понуди привремена и насочена поддршка на домаќинствата и бизнисите. Ова е другата страна на конкурентноста, за која детално разговаравме на Европскиот совет, за да не се соочиме со енергетска криза“, рече грчкиот премиер.

Според него, неодамнешните напади врз критичните енергетски објекти во земјите од регионот дополнително го оптоваруваат глобалниот синџир на снабдување и влијаат на цените на енергијата на меѓународно ниво.

Тој, исто така, посочи на напредокот во заштитата на Европа и потсети дека се разговарало за тоа како да се даде суштинска содржина на клаузулата на ЕУ за меѓусебна помош.

„Солидарноста што ја покажаа Грција и другите земји-членки на ЕУ кон Кипар докажа дека Европа може да биде обединета. Сепак, таа мора да биде подготвена да има јасен и употреблив план во случај на напад врз европска територија“, заклучи Мицотакис.

Можете да прочитате

Првични резултати: Владејачката партија неофицијален победник на парламентарните избори во Словенија

Превозниците од регионот повторно ќе блокираат граници

Мицотакис со порака до туристите: Грција е безбедна дестинација