Утрински Весник
Економија

Миноски: Итно намалување на ДДВ и акцизи – без тоа следува ценовен шок

Kiril minoski 24.jpg

Во услови на глобална енергетска криза и нарушување на транспортот на нафта и гас, државата мора да реагира брзо, таргетирано и внимателно, оценува поранешниот министер за финансии и екс директор на УЈП, Кирил Миноски, во интервју за „Трилинг“.

Според него, првичните мерки треба да вклучуваат намалување на даночниот товар врз горивата.


„Потребно е намалување на ДДВ, кое веќе е најавено од 18% на 10%, но треба да се биде подготвен и за дополнително намалување доколку кризата се продлабочи. Истовремено, треба да се разгледа и намалување на акцизата, за што постои законска можност од 4 денари по литар. Вакви мерки веќе се применуваат во Хрватска и Грција“, вели Миноски.

Тој посочува дека покрај даночните интервенции, неопходно е и ограничување на трговските маржи за основните производи, по примерот на Србија и Хрватска, со цел да се спречат шпекулативни поскапувања.

„Мерките треба да бидат постепени, во зависност од интензитетот на кризата, и да имаат јасно ограничен рок од 3 до 6 месеци“, додава тој.

Во однос на замрзнувањето на цените, Миноски оценува дека тоа може да биде само краткорочна мерка во екстремни ситуации.

„Искуството покажува дека целосното замрзнување носи ризик од недостиг. Подобро решение е ограничување на маржите и поставување горна граница на цените, како што направија некои европски држави. Овие мерки мора да бидат строго временски ограничени“, нагласува Миноски.

Говорејќи за инфлацијата, тој истакнува дека станува збор за глобален енергетски шок кој не може да се реши со една мерка.

„Клучно е да се спречи прелевање на ценовниот удар во сите производи, преку засилен пазарен надзор и санкции за картелско однесување. Паралелно, мора да се стимулира домашното производство на храна и енергија за да се намали увозната зависност“, вели тој.

За финансиската состојба, Миноски оценува дека економијата има капацитет за краткорочна реакција, но не и за долготрајна криза.

„Потребно е внимателно кратење на непродуктивните буџетски трошоци и воведување строго таргетирани и привремени мерки. Државата може да го амортизира првиот удар, но долгорочно решението е во инвестиции во енергетска диверзификација и домашно производство“, заклучува Миноски.

Можете да прочитате

ДДВ за горивата се намалува на 10%

Битиќи: Кризата со нафта како алатка за полнење на Буџетот?

Трипуновски: Оваа година ќе имаме поуспешна берба на грозје, работиме на системите за наводнување