Утрински Весник
Свет

Зеленски: Војната на Блискиот Исток ќе доведе до недостиг на ракети за Украина

Zelenski.webp.webp

Украина ќе се соочи со недостиг на ракети клучни за одбрана од Русија поради војната на Блискиот Исток, изјави Володимир Зеленски. Украинскиот претседател рече дека рускиот претседател Владимир Путин посакува долготраен конфликт меѓу САД, Израел и Иран бидејќи тоа би го ослабнало Киев со пренасочување на американските ресурси, пишува Би-Би-Си .

Путин профитира од војната на Блискиот Исток

Зеленски рече дека има „многу лошо претчувство“ за влијанието на конфликтот врз војната во Украина, која сега е во третата недела и се прошири во Заливот откако Иран ги нападна соседните земји како одмазда за нападите на САД и Израел.


„Мировните преговори постојано се одложуваат. Постои една причина – војната во Иран“, тврдеше тој.

Тој нагласи дека таквата ситуација му користи на Путин бидејќи ги зголемува цените на енергијата, што е проблем за Украина, но и затоа што може да доведе до „ракетен дефицит“. „За Путин, долгата војна во Иран е плус“, рече тој. „Покрај цените на енергијата, тоа значи и исцрпување на американските резерви и исцрпување на производителите на воздушна одбрана. Следствено, ние во Украина остануваме без ресурси“.

„Недостатокот на „Патриот“ ќе биде предизвик“

Зеленски рече дека ќе има „дефинитивен“ недостиг од ракети „Патриот“, што би бил „предизвик“, додавајќи дека прашањето сега е „кога ќе бидат исцрпени сите залихи на Блискиот Исток“. „Америка произведува 60 до 65 ракети месечно. Замислете, 65 ракети месечно се околу 700-800 ракети годишно“, рече тој. „А на првиот ден од војната на Блискиот Исток, беа употребени 803 ракети“.

Украинскиот претседател се осврна и на ставот на својот американски колега за војната во Украина, велејќи дека Доналд Трамп сака да биде преговарач, а не да зазема страна во борбата на Украина против нелегалната инвазија на Русија.

Зеленски верува дека Трамп „сака да ја заврши оваа војна“, но додаде дека американскиот претседател и неговите советници избрале стратегија на близок дијалог со Путин, „за да не го иритираат, бидејќи Европа веќе го иритирала, а Путин не сака да разговара со Европа“.

Можете да прочитате

Ликвидиран иранскиот министер за разузнавање Есмаил Хатиб

НАТО распоредува повеќе одбранбени сили за заштита на базата во Турција

Захарова: НАТО го шири своето влијание, единствена цел е пораз на Русија