
Ацо Ристов, дипломиран електроинженер со долгогодишно раководно искуство во енергетиката и сродните индустрии, е предложен за нов претседател на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), по оставката на досегашниот прв човек на институцијата, Марко Бислимоски.
Ристов денеска беше изгласан од членовите на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата со седум гласа „за“, два „против“ и без воздржани, со што доби поддршка да продолжи во процедурата за избор.
Конечната одлука за неговото именување треба да биде донесена на пленарна седница во Собранието.
Кандидатот, кој потекнува од Радовиш, има богато професионално искуство во секторите енергетика, хидроенергија, водоснабдување, третман на води, рударство и инфраструктурни системи. Во периодот од ноември 2021 до октомври 2025 година ја извршувал и функцијата градоначалник на Радовиш.
На огласот за претседател на РКЕ се пријавил и Шамил Реџепи од Тетово, магистер по економски науки и долгогодишен вработен во Комисијата, но тој не влезе во потесниот избор поради неисполнување на условите.
Претходниот претседател Марко Бислимоски поднесе оставка на 12 февруари годинава, по што беше отворена постапката за избор на негов наследник.

