Утрински Весник
Македонија

г. г. Стефан: Солзите станаа секојдневие

Dsc00455 1024x576.avif.avif.avif

Со света архиерејска литургија и општ парастос во црквата „Св. великомаченик Георгиј“ во Кочани, денеска започна одбележувањето на годишнината од стравичниот пожар кој минатиот март однесе бројни млади човечки животи. Со богослужбата чиноначалствуваше Неговото Блаженство, Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, во присуство на семејствата на починатите, повредените и многубројни граѓани.

„Солзите станаа секојдневие, тагата останува длабоко во срцата“ Во своето емотивно обраќање кон присутните, поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) истакна дека изминатата година била исполнета со непреболна болка за целиот народ, а особено за семејствата на настраданите, објави 4news.mk


„Еве, помина една година од таа трагична ноќ во која настрадаа бројни млади македонски чеда. Времето продолжи да тече, деновите станаа бескрајни месеци, а месеците исполнија веќе и цела година. Солзите што протекоа, течат без престан и станаа секојдневие за сите мајки и татковци, за многу роднини и пријатели, станаа бол за овој крај и за сиот наш народ. А солзите дури и да престанат, тагата не исчезнува, таа останува длабоко во срцата на најблиските“, порача г.г. Стефан.

Молитва за вечен мир и утеха за семејствата
Архиепископот нагласи дека Светата Црква длабоко ја разбира и сочувствува со оваа огромна тага. Тој ја спореди болката на родителите со чувствата на Пресвета Богородица кога ги гледала настаните на Голгота, посочувајќи колку е трагично кога од овој свет ненадејно заминуваат млади луѓе.

„Нашите мили во Господа, нашите прерано заминати деца, браќа, сестри, внуци, роднини, пријатели засекогаш ќе ни недостасуваат и тоа чувство е природно, но покрај нашата тага треба да се надеваме дека оние што починале во Христа ќе бидат вечно со него“, додаде тој.

На крајот од своето слово, г.г. Стефан упати заедничка молитва за покојните: „Да се помолиме Господ да им дарува покој во место светло, во место мирно, во место за одмор, каде што нема ни болка, ни тага ни воздишка, туку живот бесконечен. Нека им е вечен споменот.“

Можете да прочитате

ТРАГЕДИЈА ВО БИТОЛА: 19-годишно момче пронајдено мртво во стан, колегите од „Кромберг и Шуберт“ се простуваат

Меџити: Зајакнувањето на економската соработка со САД е важно за развојот на земјата

Прегазен редок балкански рис на Буково