
Нема криење на залихи на гориво на бензиските станици, според контролите извршени од државен пазарен инспекторат. Контролите биле извршени на над 300 бензиски станици.
Директорот на ДПИ, Влатко Стојкоски, вели дека контролите се вршеле изминатите три до четири дена и оти инспекцискиот надзор е продолжен кај дел од бензинските станици.
30-ина бензински станици престанале со точење гориво откако ги истрошиле залихите. Ситуацијата се променила откако за неколку часа резервите биле надополнети.
„По час-два можеби и четири часа, по ново танкирање на резервоарите продолжуваат со точење на гориво. Таква беше ситуацијата во овие три четири дена“, рече Стојкоски, кој денеска заедно со директорката на Управата за јавни приходи, Елена Петрова, присуствува на настанот „Усогласеноста и фер конкуренцијата одат заедно“.
Во однос на барањата за намалување на ДДВ за увоз на енергенти доколку кризата потрае подолго и колку тоа би ја чинело државата, директорката на Управата за јавни приходи вели дека таквите проценки ги прави Владата во соработка со ресорните министерства.
„Какви ќе бидат мерките изразени преку законски решенија или други акти, ние ќе треба да ги спроведеме. Значи прашањето не може да се адресира кон УЈП во тој дел“, рече Петрова.
По најавите дека е можно зголемување на цените на основните прехранбени производи откако денеска цената на дизел-горивото порасна за 14,5 денари, а на бензините за пет денари, директорот на ДПИ најави построги контроли кај трговците.
Стојкоски, иако очекува трговците да покажат општествена одговорност, сепак вели дека се изготвува оперативен план и оти ќе има инспекциски надзори.
„Уште од денеска ќе биде формиран тим, изготвуваме Оперативен план и ќе има инспекциски надзори по маркетите, дистрибутерите, увозниците и производителите на храна, така што наредниот период ќе се посветиме стриктно на тоа. Се надевам на разум кај трговците имајќи предвид дека и светот се соочува со светска економска криза и очекувам и нивна општествена одговорност“, рече Стојкоски.
Тој додава дека Владата во многу наврати покажала дека е партнер со трговците во смисла на обезбедување евтини кредити, овозможување фер и лојална конкуренција и додава дека како Инспекторат ќе бидат на терен и ќе ги следат бруто-профитните маржи.


