
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка и предложи мерка притвор против едно лице за кого постои основано сомнение дека сторило кривични дела – Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4, Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, како и Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 од Кривичниот законик.
Од кривичната пријава како и од дополнително прибавените докази, произлегува дека во периодот од 2019 година па се до 2 март кога оштетената – сега починатата Ивана Јовановски, донела одлука да си го одземе животот, осомничениот, нејзин сопруг со кој била во бракоразводна постапка, во повеќе наврати и во континуитет физички и психички ја малтретирал, постојано ја навредувал, ја тепал, ја понижувал и и нанесувал видливи повреди по целото тело. Овие настани сега починатата, но и очевидци и други сведоци ги пријавувале во надлежните институции.
Ваквото сурово и нечовечно постапување од страна на пријавениот како нејзин сопруг се интензивирале во текот на 2025 и 2026 година, поради што сега починатата се нашла во безизлезна состојба и се одлучила на самоубиство, го зела во рацете детето и скокнала од балконот на шестиот кат од станот во кој што живееле, по што двете паднале на бетонската подлога пред зградата и починале на лице место.
На критичниот ден претходеле неколку настани, а осомничениот најпрво се заканувал и започнал да ја удира оштетената во близина на нејзиното работно место. Потоа, додека со автомобил управуван од трето лице се возеле кон Основниот кривичен суд Скопје, продолжил да и се заканува дека ќе ја убие со што предизвикал кај неа чувство на страв и несигурност. Во близина на судот физички ја нападнал и и нанел телесни повреди – хематоми по главата и телото.
Откако од училиште ја зеле 6-годишната ќерка, сведокот ги однел до домот за оштетената да се спакува и да ја носи кај мајка и. Додека сведокот и осомничениот седеле пред зградата, оштетената се заклучила во станот со детето и од таму го извршила самоубиството.


