Утрински Весник
Економија

ССМ најави протест на 14 март: Една третина од работниците со плата под 30.000 денари

Whatsapp image 2025 05 01 at 13.54.15 511fd397.jpg

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) најави нов работнички протест на 14 март во Скопје, со барање за зголемување на минималната плата на 600 евра и линеарно покачување на сите останати плати за најмалку 6.000 денари. Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов на денешната прес-конференција во Работничкиот дом, посочи дека ваквата одлука за продолжување на синдикалната борба на улиците доаѓа по, како што рече, игнорирањето и неисполнувањето на нивните барања од страна на Владата и работодавачите, кои предвидуваат законско усогласување на минималната плата за само 1.667 денари.

Трендафилов ги повика работниците од целата држава масовно да се приклучат на протестот, за што, најави организиран превоз за работниците од другите градови кои сакаат да присуствуваат на протестот. 


– Работниците мора конечно да излезат на протест и да се изборат за зголемување на минималната плата, како и за зголемување на сите останати плати … Работниците, доколку не излезат да се борат за зголемување на минималната плата, тогаш им даваат огромни аргументи на Владата и газдите дека во Македонија платите се добри, дека тие добро живеат и дека 1.667 денари, онолку колку што планираат да ја зголемат минималната плата, е повеќе од доволно за работниците, рече Трендафилов.

Претседателот на ССМ истакна дека мартовското усогласување од 1.667 денари не ја покрива ниту зголемената вредност на синдикалната потрошувачка кошничка. Според податоците од Управата за јавни приходи, вели, една третина од вработените во државата земаат плата под 30.000 денари, и затоа, посочи, масовноста е клучна за исполнување на барањата.

– Работниците во јануари покажаа дека не се плашат од никој и дека не му должат на никој ништо. Покажаа дека се борат за зголемување на работничките плати, а Владата, изненадена од одѕивот веднаш одобри 40-процентно зголемување на платите на 11.000 работници. Со тоа се потврди тезата: колку повеќе работници ќе бидат на улица, толку и резултати ќе дојдат. Но работниците треба да разберат дека газдите и владата се плашат само од бројноста на работниците, нагласи Трендафилов.

Во своето обраќање, тој ги отфрли обвинувањата за политичка заднина на синдикалните активности, нагласувајќи дека „ССМ нема да дозволи собирање политички поени на грбот на работничката мака“. 

Политичките партии, вели, имале можност да ги покачат платите додека биле на власт, а не да нудат поддршка само кога се во опозиција.

– Сите политички игри кои се правеа и сите политички игри кои ќе се обидат да ги прават во наредниот период, затоа што до нас пристигнуваат и такви загрижувачки информации, нема да ги дозволиме. Политичарите, ако сакаа да ги зголемат платите, ќе го правеа тоа кога беа на власт, а не да ги поддржуваат работниците само кога се опозиција, рече Трендафилов.

Прашан на која политичка партија алудира со ваквата изјава за политички игри, Трендафилов рече „и со СДСМ, и со ВМРО-ДПМНЕ, и со сите политички активни субјекти во Македонија“.

За тоа дали синдикатот останува на најавата за организирање генерален штрајк, претседателот на ССМ потврди дека таквите одлуки се веќе донесени, но нивната конечна реализација ќе зависи исклучиво од поддршката на терен.

– Одлуките за генерален штрајк, одлуките за протестите и за блокадите веќе се донесени, но ќе зависи од работниците во кој правец ќе биде борбата на Сојузот на синдикатите на Македонија во наредниот период. Ако тие сметаат дека платите се добри, дека 1.667 денари е доволно, тогаш ние ќе продолжиме да се бориме за зголемување на работничките плати, но само ССМ и гранските синдикати кои се дел од него ќе продолжат да го прават тоа. Генералниот штрајк ќе се одржи, поддршката која треба да ја дадат работниците треба да биде тројно поголема од онаа дадена на протестот во јануари, во спротивно, ќе значи легитимирање на ваквите лоши политики на сметка на работничките плати и ветер во грб на газдите и владата, заклучи Трендафилов.

Можете да прочитате

Состојбата со нафтата е стабилна и се следи, нема потреба од создавање паника – уверува министерката Димитриеска-Кочоска

Николоски: Стабилни цените на транспортните услуги, индивидуално го решаваме проблемот на превозниците

На дел од бензинските пумпи не се точи дизел гориво