Утрински Весник
Македонија

Духот на Артан Груби – 24info.mk

Kekenovski.jpg

Пишува: Проф. д-р Јове Кекеновски

Во Република Македонија скандалите речиси никогаш не завршуваат со вистинска одговорност. Тие најчесто завршуваат со заташкување на сторените злоупотреби и со неказнивост на сторителите. Токму затоа најновиот извештај на Државниот завод за ревизија направена во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците не е само технички документ. Тој е огледало на еден начин на владеење, поточно систем во кој институциите со години функционирале без контрола, без отчетност и без почит кон народните пари.


Наодите се повеќе од загрижувачки. За 61 % од вработените (околу 150 лица) биле исплатени 2,7 милиони евра без доказ дека воопшто се појавиле на работното место. Тоа не е административен пропуст. Тоа е систем на фантомски вработувања, создаден врз политички клиентелизам и финансиран од буџетот на сите граѓани.

Пописот на државниот имот открива дополнителен институционален хаос. Исчезнати се триесеттина лаптопи без никакви реверси, нема сметководствена евиденција за седум службени возила, а дел од основните средства едноставно не постојат на хартија. Кога 28 % од вкупните основни средства.од имотот на една институција исчезнува без трага, непокриени побарувања од вработени во износ од 34.000 евра кои датираат од периодот меѓу 2012 и 2020 година, тогаш веќе не зборуваме за немарност, туку зборуваме за системска негрижа за државата.

Сомнителните јавни набавки само ја дополнуваат сликата. Тендери за сервисирање службени возила во кои работната рака се пресметува по нереално ниска цена од 0,01 денар, додека резервните делови се наплаќаат неколку пати повисоко од пазарната вредност. Финансирање на 33 здруженија и фондации со вкупен износ од 320.900 евра, каде 17 организации не доставиле докази за наменско трошење. Повеќе од 150.000 евра се потрошени за одбележување на Охридскиот рамковен договор и Денот на албанската азбука, при што недостасува документација за бројот на гости или ангажирани експерти, ниту пак има извештаи за реализираните активности.

Ова не се изолирани пропусти. Ова е арамиски модел на управување.

Ревизијата го откри проблемот. Сега редот е на обвинителството и судот да покажат дали државата навистина ќе реагираат или повторно ќе постапуваат кон обвинетите како кон ретко привилегирани лица, онака како што се случи кога, и покрај обвинението за проневера од 8 милиони евра и неговото бегство од државата, одредениот притвор на овој поранешен функционер беше заменет со домашен притвор.

Оваа одлука, која наиде на остра осуда од јавноста, отвори сериозни прашања во јавноста. Не затоа што домашниот притвор е неправедна мерка (тој е дел од кривичното право), туку затоа што доаѓа во момент кога имате бегалец и кога ревизијата открива сериозни индиции за системски злоупотреби на јавни средства.

Кога граѓаните гледаат милиони евра исплатени без работа, исчезнат државен имот и институции без контрола, тие очекуваат правдата да биде јасна и недвосмислена.

Наместо тоа, се создава впечаток дека системот повторно избира помека патека.

Токму тука се раѓа она што може да се нарече „духот на Артан Груби“. Не како личност, туку како симбол на еден политички период во кој институциите се претвораа во партиски џек-пот апарати, буџетот се користеше за политичка лојалност, а одговорноста се губеше некаде меѓу политиката и правдата.

Тоа е дух што се појавува секогаш кога злоупотребата на државата се третира како политичка епизода наместо како кривично дело. Дух што опстојува секогаш кога системот е извитоперен и подготвен повеќе да ги штити моќните отколку јавниот интерес.

Затоа овој извештај не смее да заврши како уште еден документ во архивите. Ако институциите навистина сакаат да ја вратат довербата на граѓаните, тогаш ова мора да биде момент на пресврт. Момент кога државата конечно ќе покаже дека злоупотребата на јавни пари не е политичка стратегија, туку криминал.

Во спротивно, секој нов извештај ќе открива исти приказни, секоја нова власт ќе ветува исти реформи, а правдата повторно ќе застанува на половина пат. И токму таму, меѓу политиката и судницата, повторно ќе продолжи да живее истиот дух. Духот на Артан Груби и таквите како него.

Можете да прочитате

Мицкоски ги повика жртвите на семејно насилство да не ги повлекуваат пријавите против сторителите

Водата во Струга не е исправна за пиење, покажале последните анализи на ИЈЗ

Мицкоски: Економијата е консолидирана, шест квартали по ред имаме раст на БДП, владините политики даваат резултати