
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во гостувањето во емисијата „Само Интервју”, во контекст на посетата на хрватскиот министер за надворешни и европски работи, говореше за билатералните односи со Хрватска, осврнувајќи се на постојните стратешки договори со Обединетото Кралство и Унгарија, како и на најавата за нов договор за стратешко партнерство со Хрватска.
„Во најава имаме договор за стратешко партнерство со Хрватска. Тоа го најавивме и двајцата на заедничката прес-конференција. Разговараме за билатерален договор меѓу двете држави, кој е сличен на договорите што ги имаме со Унгарија и со Обединетото Кралство”, истакна министерот Муцунски.
Шефот на македонската дипломатија информираше дека во моментов се водат разговори за финализирање на процесот на создавање стратешко партнерство меѓу двете држави, кое ќе опфати повеќе области, меѓу кои економијата, трговијата, безбедноста и енергетиката. Тој ја посочи Хрватска како „ментор во евроинтегративниот процес” на државата, нагласувајќи ја нејзината политичка поддршка и техничка помош.
Во однос на стратешкото партнерство со Обединетото Кралство, министерот посочи дека, согласно информациите од надлежните институции, активно се работи на реализација на проектот за брзата пруга, како и на проекти поврзани со системот на јавното здравство.
Осврнувајќи се на договорот со Унгарија, Муцунски нагласи дека преку ова стратешко партнерство се реализираат повеќе проекти, особено во инфраструктурата, при што договорот претставува значајна алатка и во насока на подобрување на јавниот транспорт.


