Утрински Весник
Македонија

„Не смееш ни да се разболиш“ – Атовска за суровата реалност на военото известување

Img 8853.jpeg

Новинарката Кристина Атовска, во гостување на 4TV.mk, ги подотвори вратите на новинарската професија кога таа се одвива на првата борбена линија, откривајќи дека известувањето од воена зона не е само прашање на храброст, туку сложен процес кој бара сериозна подготовка, логистика, финансиски средства и исклучителна дисциплина.

Атовска истакна дека патот до фронтот започнува многу пред новинарот да застане пред камера или да го вклучи микрофонот. Според неа, известувањето од војна подразбира значителни финансиски трошоци и строго дефинирани безбедносни процедури.


„Прво, мора да се има на ум дека известувањето од војна бара сериозни финансии – се плаќа секогаш кога станува збор за воени терени. Исто така, секој медиумски работник – новинар, снимател или фотограф – мора да има претходна обука, бидејќи се работи за многу опасни подрачја“, објасни Атовска.

Таа нагласи дека подготовката и логистиката се клучни за безбедноста на новинарските екипи, бидејќи во воени услови често мора да се реагира спротивно од природниот човечки инстинкт.

„Во такви ситуации често мора да реагирате спротивно од првиот инстинкт, па затоа е важна и поддршката од луѓе кои однапред знаат како да реагираат во случај на опасност. Навистина е потребна детална логистика – од избор на безбедни градови до патувањето до конфликтните зони“, рече таа.

Атовска го опиша и своето патување до Украина, каде известувала двапати од почетокот на војната. Како што раскажа, првата безбедна точка за пристигнување бил градот Лавив, до кој стигнала преку Варшава со авион, а потоа патувањето продолжило исклучиво по копнен пат.

„До Киев, кој тогаш беше опколен од руските сили, стигнав со воз заедно со други колеги. Таквиот тимски пристап ни овозможи поголема безбедност. Потоа продолжив во Харков, со помош на локалци и користејќи ги единствените достапни патни опции“, изјави Атовска.

Таа нагласи дека известувањето од воена зона е едно од најтешките професионални искуства во нејзината 23-годишна кариера, пред сè поради строгата дисциплина што ја бара работата.

„Фокусот на работата е најважен. Не смеете да се разболите, не смеете да бидете повредени – тие ресурси се потребни на други места, докторите се на фронтовите, а најмала настинка или повреда може да значи животна опасност“, вели таа.

Според неа, дисциплината мора да се одржува и физички и психички, дури и кога условите се исклучително тешки.

„Мора да се храните и да спиете доволно, иако тоа понекогаш изгледа невозможно, особено во градови како Харков каде бомбите паѓаат речиси постојано. Само така можете да останете здрави и способни за работа“, посочи новинарката.

Покрај физичките предизвици, Атовска зборуваше и за емоционалниот товар што го носи известувањето од војна, нагласувајќи дека новинарите секојдневно се соочуваат со луѓе кои ги изгубиле своите домови, семејства и нормален живот.

„Кога излегуваме надвор, се соочуваме со луѓе кои го изгубиле сè. Мораме да ја оставиме личната емоција на страна и да се фокусираме на новинарската задача, сè додека не дојде моментот за одмор, кога можеме да ги процесираме приказните што сме ги снимиле“, рече таа.

Атовска потенцира дека најголемиот предизвик е да се најде рамнотежа помеѓу објективното известување и почитувањето на емоциите на жртвите.

„Тоа е многу тешка задача – да ја пренесеш вистината без да се премине во сензационализам, со чувство на одговорност кон луѓето чии животи ги раскажуваме“, заклучи таа во гостувањето на 4TV.mk.

Можете да прочитате

Земјотрес ја стресе Албанија, се почувствува и во Македонија!

Пожар кај велешката болница: Брза интервенција спречи ширење на огнот

Петровска: Поддршката за Украина одеше билатерално