Утрински Весник
Македонија

Објавени ревизорските извештаи за ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, Левицата и за Алтернативата за 2024 година

20260224104550 big 730x400 3.webp.webp

Државниот завод за ревизија денеска ги објави конечните ревизорски извештаи за извршена ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на сметките за редовно работење за 2024 година на политичките партии ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, Левицата и Алтернативата.

ДЗР, како што се наведува, за ДУИ изразува мислење со резерва за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеност на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставени политики.


Со извршената ревизија на финансиските извештаи и ревизија на усогласеност за 2024 година кај политичката партија ДУИ, ДЗР утврдила дека влезните фактури од доставувачите не се архивираат кога се добиени за да се потврди дека хронолошки се евидентирани во деловните книги, исплатени се расходи за материјални трошоци врз основа на фактури за кои не е обезбедена поткрепувачка документација и во 2024 година уплатени се средства за членарина над законски дозволениот лимит, состојба за која овластениот државен ревизор известува во континуитет во конечните извештаи за претходни години и партиско-истражувачкиот аналитички центар не е соодветно кадровски екипиран, состојба која е надмината во 2025 година.

– Од страна на одговорното лице на субјектот не се добиени забелешки на нацрт-извештајот број 13 – 160/3 од 17.10.2025 година – наведуваат од ДЗР. 

Во извештајот за ВМРО-ДПМНЕ се наведува дека со ревизијата е опфатено и спроведувањето на дадената препорака содржана во конечниот ревизорски извештај за извршена ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност за 2023 година на ВМРО-ДПМНЕ на сметката за редовно работење, при што е утврдено дека таа не е спроведена од причина што нејзиното спроведување зависи од завршување на судската постапка.

– Со ревизијата на финансиските извештаи за 2024 година констатиравме состојба што се однесува на забрана за привремено располагање со дел од имотот на политичката партија преку поведена постапка за што овластениот државен ревизор извести и во конечниот извештај за извршена ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност за 2023 година. Во периодот на известување за ревизијата донесено е решение од суд, со кое предлогот за укинување на привремените мерки утврдени со претходните решенија е делумно уважен. За утврдената состојба дадена е препорака до одговорните лица за нејзино надминување – се наведува во извештајот на ДЗР. 

Во извештајот во делот на нагласување прашања, ДЗР обелоденува состојби што се однесуваат на структурата на приходите и расходите на политичката партија во 2024 и 2023 година и состојба на ненамирени обврски кон доставувачи. Од ВМРО-ДПМНЕ не се добиени извештаи за нацрт-извештајот на овластениот државен ревизор. 

Во извештајот за СДСМ се наведува дека со извршената ревизија било опфатено и спроведувањето на препораката дадена во конечниот извештај на овластениот државен ревизор за 2023 година, при што утврдиле дека таа е во тек на спроведување.

– Имено, за некои од градежните објекти, наследени од правниот субјект претходник на партијата, не e решен сопственичкиот статус поради што тие не се воведени во евиденцијата кај надлежната агенција и во сметководствената евиденција на партијата за која состојба овластениот државен ревизор извести и во конечните извештаи за претходни години. Утврдивме дека од страна на одговорните лица се преземаат активности за надминување на оваа состојба и дадена е препорака за нивно продолжување, со цел нејзино надминување – се наведува во извештајот.

Во делот на нагласување прашања, ДЗР истакнува дека и во 2024 година СДСМ нема остварено приходи од членарини, состојба за која известиле и во конечниот извештај на овластениот државен ревизор за претходната година, како и за структурата на остварените приходи по извори и расходи по намени во 2023 и 2024 година.

За Левицата, ДЗР наведува дека со извршената ревизија изразуваат мислење без резерва за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи за 2024 година, како и за усогласеност со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставени политики. Во делот на нагласување прашања ја обелоденуваме структурата на приходите и расходите на политичката партија во 2023 и 2024 година.

За партијата Алтернатива, ДЗР посочува дека изразува мислење со резерва за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи за 2024 година и за усогласеност со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставени политики.

– Со извршената ревизија беше опфатено и спроведувањето на препораките дадени во конечниот извештај на овластениот државен ревизор за 2023 година, при што утврдивме дека дадените две препораки се спроведени. Со извршената ревизија на финансиските извештаи и ревизија на усогласеност за 2024 година кај политичката партија Алтернатива, сметка за редовно работење, ги утврдивме следните состојби: начинот на водење на сметководството, односно деловните книги, не се врши во согласност со одредбите од Законот за сметководство на непрофитните организации, донациите од правно лице на име попуст за користена услуга не се соодветно евидентирани и амортизацијата на постојаните средства не се пресметува по пропишаните стапки, како и не е пресметана ревалоризација – наведуваат од ДЗР. 

Во делот на други прашања, во сите извештаи ревизорите посочуваат на слабости во законската регулатива, како и во повеќе наврати преку своите годишни извештаи, а кои се однесуваат на потребата: да се преиспита член 83 став 2 од Изборниот законик во делот на финансирањето на изборната кампања со средства од редовната сметка на политичката партија, во врска со член 88 од Изборниот законик; да се донесат поконкретни насоки за регулирање на начинот на плаќање, уплата и евидентирање на членарината како извор на финансирање на политичките партии, со цел еднообразност во начинот на нивното сметководствено евидентирање и потврдување на законски утврдениот лимит за секој член одделно; да се доуреди законската регулатива во делот на утврдување на роковите за одделни активности поврзани со начинот на планирање, распределба и исплата на средствата од редовно годишно финансирање на политичките партии; да се преземат активности за изменување и дополнување на подзаконските акти со кои се уредува начинот на водење на сметководството на непрофитните организации, со кои, како што се наведува, ќе се обезбеди доследно почитување на сметководственото начело на „модифицирано настанување на деловните промени, односно трансакции”.

– Надлежните органи потребно е да преземат активности за надминување на утврдените системски слабости – наведуваат од ДЗР.

Можете да прочитате

Тинејџери напаѓале и ограбувале жени во Прилеп

Четири години војна во Украина: Специјално отворено студио вечерва на 4TV.mk

Баба тепала дете во Делчево