Утрински Весник
Македонија

Тренчевска до Димитровски: Зошто ги излажавте транспортерите кога проблемот не сте го решиле

Jovana t sdsm.jpeg

Пратеничката на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Јована Тренчевска, на денешните пратенички прашања, во отсуство на министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, упати прашање до заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски. Во прашањето Тренчевска нагласи дека власта ги излажа транспортерите дека проблемот со ограничувањето на престојот на возачите од Западен Балкан, вклучително и Македонија, во земјите од ЕУ, е решен.Тренчевска посочи дека вистината е дека проблемот не е решен, а транспортерите се соочуваат со реални пречки и проблеми, нагласувајќи дека компании веќе размислуваат или започнале постапки за регистрација во други земји, како Бугарија и Хрватска. Таа укажа дека овој проблем значи губење приходи, губење работни места и одлив на капитал од државата. Во обраќањето Тренчевска го праша заменик министерот Димитровски, зошто Министерството за надворешни работи и трговија и тој како заменик министер, ништо не преземале шест месеци колку што се знаела новата одлука на ЕУ и кој ќе понесе одговорност за штетата што ја трпат транспортерите и македонската економија?

Во продолжение интегралното обраќање на Тренчевска:

„Деновиве се виде и се потврди дека власта, наместо да ги решава проблемите, единствено што знае е да дефокусира и да води лажен ПР на штета на државата, граѓаните и компаниите.

Последен ваков пример е случајот со транспортерите. Пред само три недели ги излажавте овие луѓе дека проблемот со ограничувањето на престојот на возачите од Западен Балкан, вклучително и Македонија, во земјите од ЕУ, е решен.

Ова помпезно и на социјалните мрежи и преку медиумите што ги контролирате, го изјави вицепремиерот Николоски, кој рече, цитирам: Добив одлични вести од Брисел во врска со огромниот проблем на превозниците од Македонија, нашите ставови се прифатени, возачите се прифатени како професионалци.”

Само пред три дена видовме дека оваа изјава била една голема лага, уште еден лажен ПР, од кој трпи бизнисот и економијата.

Вистината е дека проблемот не е решен. Транспортерите се соочуваат со реални пречки и проблеми. Компании веќе размислуваат или започнале постапки за регистрација во други земји, како Бугарија и Хрватска. Ова значи губење приходи, губење работни места и одлив на капиталот од државата.

Овој проблем „не падна од небо” пред три недели. Новите правила на Европската Унија не се донесени пред три недели.

Конкретно, одлуката сте ја знаеле од 26 јули 2025 година. Тогаш била донесена, со постепено воведување од октомври истата година. Тоа значи дека сте имале цели шест месеци за подготовки, за разговори, преговори, за можности за некакви транзициски механизми, односно сте имале време да ги заштитите домашните превозници.

Ако Европската Унија јасно кажала дека ги менува плановите и регулативите за движење, со воведување на електронски систем уште минатата година, што правеше владата и што правевте вие во Министретсвото за надворешни работи и трговија?

Заменик министeр, како дипломат и како претставник на државата во комуникацијата со Европската Унија, сте имале обврска навреме да реагирате, да преговарате и да обезбедите заштита на транспортерите, на националните економски интереси.

Но вие свесно одбравте да молчите, како и за сè друго. Па сега, кога дојде „нож под грло”, целиот овој проблем се обидувате да го вклопите во вашата анти-ЕУ кампања што ја водите, за да прикажете дека виновна е Европската Унија, да предизвикате негативна реакција кај граѓаните, а всушност единствениот виновник е вашата Влада.

Јавноста гледа, гледаме сите ние, дека и овој проблем за кој вие сте виновни како власт е само дел од анти-ЕУ кампањата на Владата, која наместо кон интеграција ја води земјата кон изолација, без јасен план за напредок, што носи сериозни последици врз економијата, компаниите и граѓаните.

Проблемот на транспортерите не е само прашање за една стопанска гранка, туку е прашање за економијата во целост. Кога транспортниот сектор е блокиран, страда индустријата, страда извозот, страдаат бизнисите, страдаат и граѓаните.

Вие како министер, меѓу другото и за надворешна трговија, ги знаете последиците.

Оттука, моето прашање до вас е: Зошто ништо не преземавте шест месеци и кој ќе понесе одговорност за штетата што ја трпат транспортерите и македонската економија?

Можете да прочитате

Костадиновска-Стојчевска до Алиу: Зошто се кратат пари за пациентите со ретки болести 

Учество на министерот Муцунски на состанок за Коридор 8, Тирана, Албанија

Гоце Наумовски избран за нов уставен судија