Утрински Весник
Свет

Украина им овозможува на војниците бесплатно замрзнување сперма за зачувување на демографската иднина

Izraelski Vojnici.jpeg

Со цел да одговори на сè подлабоката демографска криза, засилена од војната со Русија, Украина воспостави државно поддржана програма за криопрезервација на репродуктивен материјал за припадниците на армијата. Намерата е да се зачува можноста за потомство кај војниците кои секојдневно се изложени на ризик на фронтот.

Триесет и петгодишниот Максим, член на Националната гарда, неодамна за време на отсуство посетил клиника во Киев и оставил примерок за замрзнување, по договор со сопругата. Постапката била бесплатна, како дел од мерките што се спроведуваат од почетокот на инвазијата во 2022 година.

Во разговор за BBC, тој вели дека постојаната опасност, без оглед дали војниците се на првата линија или подалеку од неа, носи силен психолошки притисок што може да влијае и врз плодноста. Според него, зачувувањето на репродуктивниот потенцијал е прашање на национална иднина.

Првично, услугата ја нудеа приватни центри за асистирана репродукција, но подоцна законски беше уредена и доби буџетска поддршка. Пратеничката Оксана Дмитриева, вклучена во подготовката на решението, посочи дека државата има обврска да им обезбеди ваква можност на оние што ја бранат.

Предлог-законот на почетокот предизвика контроверзии бидејќи предвидуваше уништување на примероците доколку донорот почине. По јавните реакции, одредбата беше изменета – сега материјалот може да се чува до три години по смртта и да биде искористен од партнерот со претходна писмена согласност.

Инаку, демографските проблеми во Украина беа присутни и пред војната, но конфликтот дополнително ги влоши поради големиот број загинати и масовното иселување, претежно на жени и деца. Од јануари, државниот центар за репродуктивна медицина во Киев официјално прима пријави од војници; досега интерес пројавиле десетмина, а институциите очекуваат бројката да се зголеми.

Можете да прочитате

Морбилите се шират низ британските училишта

Канада се приклучи на програмата на ЕУ за заеми за оружје

Премиерот на Гренланд: Не се чувствувавме загрозени од Русија или Кина, само од Америка