Утрински Весник
Македонија

ССКМ со поддршка за „Макам-транс“ и македонскиот транспортен сектор

Kamioni.webp.webp

Сојуз на стопански комори на Македонија соопшти дека застанува зад иницијативите на Макам-транс и на домашниот транспортен сектор, со цел изнаоѓање соодветно решение за регулирање на престојот на превозниците во Шенген-зона.

– ССКМ, во која членуваат голем број мали и средни компании, директно поврзани со синџирот на транспорт и стоки, кој се одвива во земјата и надвор од неа, сериозно е загрижен за можните нарушувања што ќе доведат до неконкурентна положба на македонскиот бизнис-сектор – соопшти ССКМ.

Комората предупредува дека евентуалното продлабочување и одолговлекување на проблемите во транспортниот сектор, особено во камионскиот превоз, може сериозно да се одрази врз економијата. Со оглед дека дури 96 проценти од македонските компании и странските инвестиции зависат од овој сегмент, постои ризик од дополнителни фискални импликации и слабеење на нивната конкурентност на европскиот пазар на среден и долг рок.

Стопанската комора на Северна Македонија најави дека бизнис-секторот ќе ја продолжи битката за транспортните компании за трајно решение за престојот на превозниците во шенген-зоната. 

 – Ако некој го ограничува движењето на луѓето и стоките, тогаш го прави најголемото злосторство што може да постои, да те затвори самиот во себе, каде што не можеш да просперираш и да видиш, да се споредеш со другите – изјави вчера претседателот Бранко Азески истакнувајќи дека треба да се отворат сите порти и оти редиците камиони на граничните премини ги има само на Балканот, и тоа во должина по три-четири километри.

Од Асоцијацијата „Макам-транс“ велат дека активно учествуваат во процесот на изнаоѓање решение за проблемите со кои се соочуваат превозниците при престојот во шенген-зоната во преодниот период до целосно спроведување на новата стратегија за визна либерализација на Европската Унија. Посочуваат дека веќе има позитивни одговори од некои од институциите и коморите по чекорите што ги презедоа за поголемо лобирање за наоѓање решение и апелираат на што поголем заеднички ангажман од сите во оваа насока. 

Целта е да се обезбеди непречено вршење на дејноста превоз во патниот сообраќај, со целосно почитување на меѓународните и европските правни стандарди и без дискриминација на професионалните возачи од нашата држава. 

Според Министерството за транспорт, дијалогот со Европската комисија е активен и сите можности се разгледуваат од страна на техничка работна група составена од сите ресорни министерства и претставници на Европската комисија. – Во следниот период разговорите продолжуваат со засилена динамика со цел наоѓање трајно решение, кое е прифатливо за сите страни. Како Министерство, апелираме да не се потпаѓа на шпекулации и секаков вид непроверени информации, кои може да му наштетат на дијалогот, особено не на шпекулации од соседните држави. Секоја држава одлучува за себе. Македонија продолжува со дијалог за трајно решение – соопшти Министерството за транспорт.

По состанокот од минатата недела (11 февруари) на работната група на претставниците од шесте држави од Западен Балкан со тие од шенген-зоната, нов состанок според најавите треба да се одржи на 23 февруари. 

Можете да прочитате

„Глумците пеат“ на 24 и 25 март со македонска музика и нови актерски имиња

Дрво падна врз три автомобили во Кисела Вода, сообраќајот блокиран

Макрадули: Додека опозицијата се занимава со себе, власта бега од одговорност