
Електронските цигари, уредите за загревање на тутун како „Ајкос“, како и сите производи што содржат никотин, не се безбедна алтернатива на класичните цигари и можат да бидат подеднакво, па дури и поштетни за здравјето, предупредува д-р Деска Димитриевска од Клиниката за пулмологија.
Во интервју за емисијата „Топ тема“ на Телма, таа истакна дека е неразбирливо што во изминатиот период законските прописи дозволувале користење на овие уреди на места каде што пушењето класични цигари е забрането.
Според неа, ваквата пракса создава погрешна перцепција кај граѓаните дека модерните уреди се помалку штетни, иако медицинските податоци укажуваат на сериозни ризици. Димитриевска објасни дека при загревање на тутунот на високи температури се ослободуваат хемиски соединенија кои можат да предизвикаат сериозни оштетувања на дишните патишта и белите дробови.
Таа посочи дека постојат случаи на нагли здравствени компликации, па дури и смрт кај млади лица кои користеле електронски цигари или слични уреди, што се поврзува со ненадејни хемиски промени во организмот и реакциите во респираторниот систем.
Пулмолозите апелираат јавноста да не ги доживува овие производи како безбедна замена за класичното пушење, туку како дополнителен ризик по здравјето, особено кај младата популација.

