
Париската полиција уапси десет лица осомничени за организирање масовна измама со билети во музејот Лувр. Меѓу уапсените наводно имало вработени во музејот и туристички водичи кои ги таргетирале кинеските посетители во шема што вклучувала продажба на лажни билети и пребукирање на тури со водичи, објави „Еуроњуз“ .
Според францускиот весник „Ле Паризиен“, полицијата ги привела осомничените во вторник откако администрацијата на Лувр пријавила „неправилности“. За време на акцијата, конфискувани се три возила, 130.000 евра во готово и замрзнати се речиси 200.000 евра на банкарски сметки. Откриени се и неколку банкарски сефови со големи суми готовина.
Администрацијата на музејот во соопштението изјави дека сега „усвоила структуриран план за борба против измамите, врз основа на мапирање на измамите, низа превентивни и куративни, правни, технички и контролни мерки и следење на резултатите“.
Апсењата следат по низа лоши вести за најпопуларниот музеј во светот и една од најпочитуваните институции во Франција. Од минатиот месец, Лувр е принуден делумно да ги затвора вратите за посетители секоја недела поради штрајк на персоналот незадоволен од платите и условите за работа.
Протестите започнаа кон крајот на минатата година по објавувањето на неповолен владин извештај за безбедносните пропусти, кои беа откриени по дрскиот грабеж на француските крунски скапоцености во октомври.
Лувр, исто така, предизвика критики откако ги зголеми цените на билетите за посетителите надвор од Европа, во обид да ги зајакне своите финансии и да собере средства за обемни реновирања. Музејот соопшти дека зголемувањето од 45 проценти, од 22 на 32 евра, е дел од националната политика на „диференцирано ценообразување“ што ја спроведуваат неколку големи културни места, вклучувајќи ја Версајската палата, Париската опера и Сент-Шапел.

