
Соопштение на Левица:
Група пратеници од власта до Собранието доставија срамни предлог измени, на уште посрамен и исклучително погрешно замислен и применет закон, Законот за постапување со бесправно изградени објекти. Уште кога беше донесен овој закон во 2011 година – со кој се легализира неправото – се воведе реална опасност за легализација на секаков тип на објекти, без разлика на нивната безбедност. Неспособноста на своите градоначалници за урбанистичко и просторно планирање ДПМНЕ повторно сака да ја продолжи за уште пет години!
Предложените измени на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, со кои се продолжува рокот за „легализација” на дивоградбите, практично претставуваат уште еден обид за административно решавање на длабоко системски, урбанистички и безбедносен проблем, без суштинска анализа на последиците врз јавниот интерес. Клучниот проблем не е само во продолжувањето на рокот, туку во начинот на легализација кој државата упорно го практикува со години.
Дивоградбите, согласно постојната и предложената регулатива, се легализираат исклучиво со геодетски елаборат, без никаква обврска за документација за конструктивниот систем; проектна документација за изведена состојба; увид во начинот на изведба на носечките елементи, проверка на електро, водоводни и канализациски инсталации; мислење или верификација од Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС).
Со тоа, државата свесно создава правен статус за објекти за кои нема никаква трага за нивната безбедност. Во земја која се наоѓа во сеизмички активна зона, каде Скопје и други градови имаат историско искуство со катастрофални земјотреси, ваквиот пристап не е само технички пропуст, туку институционална неодговорност. Легализацијата во ваква форма не значи „уредување на состојбата”, туку премолчено прифаќање на потенцијално небезбедни конструкции, префрлање на ризикот врз идните корисници и општеството, создавање на градови со правно легални, но технички непознати објекти.
Дополнително, со секое ново продолжување на роковите, државата испраќа јасна порака дека бесправното градење се исплати, урбанистичките планови се препорака, не обврска и дека оние што граделе согласно закон се доведени во подредена позиција.
Левица потенцира дека ова не е прашање на „флексибилност” кон граѓаните, туку прашање на јавна безбедност, урбанистичка правда и социјална одговорност. Треба ли да потсетиме повторно дека во Кочани трагедијата се случи токму во легализирана дивоградба?
Доколку навистина постои намера за решавање на проблемот со дивоградбите, тогаш секоја легализација мора да вклучи:
-задолжителна техничка документација (основен проект со сите фази) и конструктивна проценка;
-проверка на сеизмичката отпорност;
-минимални стандарди за безбедност и функционалност;
-мислење од сектор за урбанизам за усогласеноста на објектот со постоечките урбанистички планови.
Со ова би се добила вистинска институционална одговорност, а не само административна формалност. Во спротивно, продолжувањето на роковите е само одложување на ризикот, кој нема да исчезне, туку ќе се манифестира при првиот сериозен земјотрес, хаварија или инфраструктурен дефект.
Државата не смее да го стимулира бесправното градење и урбанистичкиот хаос, туку напротив, мора да биде гарант на безбедноста и квалитетот на живеењето.

