Утрински Весник
Македонија

Помош или навреда? 81 денар исплатени за штети од земјотрес во Битола

Bdcc5975 672b 4a8b 8964 407a1b6e6996.jpeg

Реакциите во јавноста не стивнуваат откако дел од битолчани деновиве почнаа да ги добиваат исплатите за штетите од земјотресите што го погодија градот во јануари 2022 година. Според сведоштва на граѓани, на нивните сметки биле исплатени симболични износи – некои добиле 81 денар, други 192, а дел и по 357 денари, што предизвика револт и бројни реакции на социјалните мрежи.

Владата по речиси две години, во октомври 2024 година, донесе одлука за обезбедување парична помош од буџетот во висина од пет проценти од проценетата штета. Средствата беа префрлени на наменска сметка на Општина Битола на крајот на 2024 година, а исплатата започна деновиве.

Битола во јануари 2022 година беше погодена од серија земјотреси со епицентар во близина на Лерин, во северна Грција. Најсилниот земјотрес, со магнитуда од 5,6 степени според Рихтер, се случи вечерта на 9 јануари, по што следуваа десетици потреси со помал интензитет. Земјотресите предизвикаа оштетувања на училишта, градинки, Клиничката болница, како и на бројни станбени објекти.

Веднаш по земјотресот, Општина Битола формираше комисии за проценка на штетите и беше изработен елаборат, кој Советот го усвои на 27 декември 2022 година и го достави до Владата со барање за финансиска помош.

Според објавите на социјалните мрежи, за околу 2.400 оштетени граѓани биле одобрени средства во просек од околу 700 денари по лице, додека, како што се наведува во реакциите, за работата на комисијата за проценка на штетите биле потрошени околу еден милион денари. Овие информации дополнително ја засилија јавната дебата околу начинот на распределба на средствата и висината на исплатите.

Граѓаните бараат одговори од надлежните институции, оценувајќи дека исплатените суми не одговараат на реалната штета предизвикана од земјотресите, додека дел од нив ја критикуваат и транспарентноста на процесот.

Screenshot

Можете да прочитате

Први податоци од сеизмолозите: Земјотресот со интензитет од V степени во Тетово и Гостивар

Земјотрес вечерва во Скопје – 24info.mk

Зајкова: Некој не сака легализација на канабисот бидејќи профитот од црниот пазар завршува во нивни џебови