Утрински Весник
Македонија

Телефони и разговори под истрага – Мицкоски најавува поголем развој на случајот за марихуаната

94f64b17 7d80 3d73 8022 4d39f4b862c7.jpg

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека досегашната заплена на над 40 тони марихуана во акцијата што ја спроведуваат Министерството за внатрешни работи и Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција претставува само почеток на истрагата, оценувајќи дека случајот може да добие многу поголеми размери.

Тој не наведе конкретни детали, но посочи дека индициите со кои располагаат институциите, како и доказите што се прибираат во текот на истрагата, упатуваат на поширока мрежа.

„Ова е само почеток. Од тоа што го имаме како индиции, но и од тоа што Министерството за внатрешни работи го врши во истрагата, одредени телефони, одредени разговори и друг тип на докази, работата ќе биде многу, многу поголема“, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по увидот во градежни активности во ООУ „Невена Георгиева – Дуња“ во Општина Кисела Вода.

Премиерот најави дека очекува Владата да донесе одлука за проверки во сите правни лица и објекти кои имаат добиено лиценци за одгледување марихуана за медицински цели, додавајќи дека ваквите контроли треба да продолжат и во наредниот период. Тој информираше и дека поради други активности нема да ја води денешната владина седница, со која ќе претседава вицепремиерот за политички систем Љупчо Димовски.

Одговарајќи на новинарски прашања, Мицкоски рече дека не би се изненадил доколку во рамки на акцијата бидат запленети и повеќе десетици тони марихуана, посочувајќи дека количината би можела да достигне и до 100 тони.

Во однос на случајот со петте тони марихуана запленети во Србија, премиерот рече дека засега нема информации дека дрогата била изнесена од Македонија како пломбирана стока со документација во која бил наведен друг производ.

Тој посочи дека покрај издавањето лиценци, потребно е да се истражи и донесувањето на подзаконски акт со кој, според него, било дозволено одгледување канабис со понизок квалитет, иако се знаело дека производите добиени од него нема да можат да се пласираат на легалниот пазар. Според Мицкоски, клучно прашање е кои биле мотивите за носење на таков правилник.

Во меѓувреме, од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција информираат дека активностите продолжуваат, се сослушуваат сведоци и се прибираат докази, а во тек е и комуникација со српското обвинителство за утврдување евентуална поврзаност со заплената кај Крушевац.

Паралелно со институционалната постапка, случајот предизвика и политички реакции, при што власта и опозицијата меѓусебно се обвинуваат за одговорноста, додека истрагата, според информациите, сè уште се наоѓа во фаза на предистрага.

Можете да прочитате

Стојаноска го нападна Трендафилов со видео, а самата земала 255.111 денари патни трошоци

СДСМ: Корупцијата цвета, во извештајот на Транспаренси, Македонија е на ниво на Буркина Фасо и Танзанија

Намалена видливост поради магла на Плетвар и Стража