Утрински Весник
Македонија

Заплената расте – пронајдени нови количини, вкупно 40 тони марихуана

Img 7908.jpeg

Околу 40 тони марихуана, наводно одгледувана за медицински цели, се запленети во рамки на полициските претреси спроведени во Скопје и во струмичкиот регион, дознава Телма од извори во истрагата. Според информациите, приближно десет тони се пронајдени во Скопско, додека околу триесет тони се запленети во Струмица и околината.

Првичните информации за 27 тони марихуана, за кои вчера брифираа истражните органи, во меѓувреме се надополнети со новооткриени количини кои, според истражните извори, биле подготвени за понатамошен транспорт и шверц. Истите извори наведуваат дека начинот на производство, складирање и чување на дрогата не укажувал дека станува збор за канабис наменет за медицински цели, туку за нелегална продажба и дистрибуција на црниот пазар.

Акцијата е поврзана со претходната заплена на пет тони марихуана во Србија, за која тамошните власти соопштија дека потекнува од Македонија. Во центарот на истрагата се наоѓа компанијата „Алфафарм“ ДОО Скопје, чиј ко-сопственик Иван Драгниќ, државјанин на Србија, е уапсен.

Од објект во кругот на поранешната фабрика ОХИС во Скопје, каде што се наоѓа компанијата, со комбиња и камиони била изнесувана марихуана во количина од околу десет тони, додека останатите количини се запленети во фирми во струмичкиот регион поврзани со истата компанија.

Според досегашните информации, станува збор за најголема заплена на марихуана од осамостојувањето на државата до денес. Истрагата ја води Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, кое треба да утврди кои лица и структури биле вклучени во случајот, како и што било планирано со запленетите количини.

Премиерот Христијан Мицкоски претходно изјави дека медицинската марихуана незаконски била пуштана во промет и складирана спротивно на законските прописи.

Компанијата „Алфафарм“ е основана во 2023 година, а лиценца за одгледување медицински канабис добила во 2024 година. Министерството за здравство, во координација со Министерството за внатрешни работи, претходно извршило вонредна контрола во компанијата. Од Министерството посочуваат дека лиценцираните компании имаат обврска редовно да доставуваат извештаи, додека за евентуални незаконски активности надвор од пропишаните процедури надлежно е МВР.

Петте тони марихуана во Србија беа откриени на 29 јануари во објект во селото Коњух кај Крушевац, а според истрагата, дрогата ја транспортирал ко-сопственикот на „Алфафарм“. Од Министерството за внатрешни работи и Обвинителството се очекуваат дополнителни информации по завршување на истражните активности.

Можете да прочитате

Минчев: СДСМ ја изгуби идејата, Црвенковски беше симбол на државност

АНБ распиша јавен оглас – 24info.mk

Мицкоски го претстави новиот ИК: Ковачки генерален секретар, Томовски организациски секретар