Утрински Весник
Македонија

МОН ги претстави новините во трите нови закони за високото образование и за научноистражувачка дејност, два се веќе на ЕНЕР

20260206125035 big 730x400 53.webp.webp

На националниот регистар на прописи (ЕНЕР) се поставени предлозите за новиот закон за високото образование и за законот за квалитет во високото образование, а деновиве ќе биде ставен и законот за научноистражувачка дејност. Ќе може да се доставуваат коментари и предлози за новите законски решенија, со кои МОН најави реформи во високото образование и во науката. Најзначајните новини денеска на прес-конференција ги соопшти министерката за образование и наука Весна Јаневска, која рече дека со пакетот закони се очекува да се подобри академската едукација и да се поттикне научноистражувачката дејност во државата.

Соопшти дека во подготвувањето на законите, без надомест, учествувале над 60 професори, засегнати институции и установи, претставници на студентите, стручни лица и експерти. Како што рече, особено Националното координативно тело за реформи во високото образование и научноистражувачката дејност одлично си ја завршило првата задача заради која и беше формирано од Владата. 

Новиот закон за високото образование треба да го замени постојниот од 2018 година, кој, рече Јаневска, создал повеќе проблеми отколку што решил. Утврден е и нов начин на финансирање на високообразовните установи. Предвидени се развојна компонента и исклучителна компонента за успешност, односно повеќе пари за оние универзитети што ќе се потрудат да исполнат одредени повисоки критериуми. Ова, како што рече министерката, ќе ја стимулира конкуренцијата која носи квалитет.

Предвидено е предност при вработувањето на државните универзитети како наставно-научен кадар да имаат студентите што со стипендија од државата студираат на најдобрите 100 светски универзитети или студираат овде и се добитници на наградата „Инженерски прстен“ или се прогласени за најдобри студенти на универзитетот. 

Една од поважните новини, за што има и најмногу заинтересираност кај академскиот кадар и веќе стигнуваат коментари, е тоа што се зајакнуваат критериумите за напредување во звања на факултетите. 

– Секој што ќе аплицира за избор во звање – доцент, вонреден или редовен професор, отсега, во зависност од звањето, ќе има обврска до изборот да изработи и објави од шест до седум научни труда. Три- четири од нив треба да бидат објавени во списание со импакт-фактор од базите Web of science или Scopus. Ова е важно затоа што светската статистика вели дека за еден универзитет да се најде меѓу најдобрите 1.000 на Шангајската ранг-листа треба годишно да објавува најмалку 1.200 труда во списанија со импакт-фактор. Нашите универзитети годишно објавуваат помеѓу 300 и 500 труда и тоа мора да го промениме – рече Јаневска. 

Информира дека за професорите затекнати при избор во звања ќе има олеснувања на постапката и дека новиот закон предвидува еден професор да може доживотно да остане во истото звање доколку ги исполнува условите за тоа при секој нареден избор.

По усвојувањето на законот, избраните редовни професори во иднина ќе имаат реизбор по седум години. Оние што се веќе избрани во редовни професори нема да бидат опфатени со овој закон, т.е. законот не важи ретроактивно, а академската заедница станува единствена на целата територија. Со новиот закон се враќа одредбата пред 2018 година за мандатот на ректорите, така што повторно ќе биде четири години наместо сегашните три, а се менува и моделот за избор на ректор.

Законот предвидува да се воведат и стручни студии од прв, втор и трет циклус со проодност кон академски студии, како и кратки стручни програми за стекнување специјалистички знаења. За поттикнување на транспарентноста на работата на државните универзитети, ќе се активираат одборите за доверба со јавноста и советите на универзитетите, кои во минатото не функционираа. Националниот совет за високо образование и наука, пак, добива повеќе обврски.

– Платите повеќе не се предмет на дискусија. Зголемени се за 14 отсто минатата година, а зголемен е и буџетот за поддршка на научноистражувачката дејност – од 380 милиони денари во 2024 година на 773 милиони денари оваа година. Повеќе од двојно – истакна Јаневска.

Со законот за квалитет во високото образование, пак, се предвидува реорганизација и заживување на улогата на Агенцијата за квалитет во високото образование, која во изминатите пет години постоење не била доволна функциоална и, како што рече Јаневска, вршеше само акредитација на студиски програми, но не и евалуација. Со предложениот закон се планира укинување на одборите за евалуација и акредитација, кои постоеја во составот на Агенцијата, и, наместо нив, ќе се формира совет што ќе работи со стручни комисии. Советот ќе ги дефинира постапките за евалуација, самоевалуација, акредитација, надзор над работата на високообразовните установи и научноистражувачките субјекти.

Третиот закон во пакетот е за научноистражувачката дејност и е во тесна корелација со другите два. Јаневска информира дека со него се предвидуваат типови на научни установи, доделување средства за научноистражувачки проекти, финансирање научни институти и центри за извонредност, јасно дефинирање на постапките за избор во научни звања на истражувачите итн. 

Планот на МОН е законите да останат 30 дена на ЕНЕР. Министерката соопшти дека по две недели, ќе почнат јавни расправи на универзитетите, потоа законите ќе се проследат во владина постапка и по приемот на законите во Собранието, матичната собраниска комисија ќе може да организира јавна расправа во парламентот пред да бидат дадени на усвојување. 

– Очекувам Собранието одеднаш да ги усвои сите, се разбира, по претходно доставување на најдобрите текстови што ќе произлезат од јавната дебата, што Владата ја почна во понеделникот. Дебати ќе се одржат и на сите јавни високообразовни установи, а се надевам и на квалитетна дискусија во Собранието – додаде министерката на прес-конференцијата.

Можете да прочитате

Ристоска: Очекувам да бидам избрана за државен јавен обвинител

Седумгодишно девојче тешко повредено во сообраќајка во Куманово

Викенд куќа изградена без дозвола во Тетовско