Утрински Весник
Македонија

МВР и ОЈО на терен, истрага по рекордната заплена на марихуана

Img 7868.jpeg

Министерството за внатрешни работи соопшти дека во координација со Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција спроведува активности на повеќе локации во Скопје и Струмица поврзани со опојна дрога. Од МВР информираат дека по завршување на акцијата ќе бидат соопштени повеќе детали.

Според информации, попладнево во кругот на поранешната фабрика ОХИС влегле повеќе полициски возила, комбиња и камиони, каде што се наоѓа и компанијата „Алфафарм“. На оваа локација, како што се наведува, полициски активности се спроведуваат уште од претходната вечер.

Во меѓувреме, премиерот Христијан Мицкоски во гостување на јавниот сервис МРТ изјави дека случајот со петте тони марихуана запленети во Србија, за кои српското обвинителство посочи дека потекнуваат од Северна Македонија, претставува сериозен безбедносен и криминален предизвик. Тој изрази очекување дека во наредните денови ќе следуваат нови акции и заплени.

„Очекувам Министерството за внатрешни работи да излезе со десетици тони недозволени супстанции, односно дрога, која во моментот се наоѓа во складишта во Македонија или е поврзана со незаконски активности на одредени правни субјекти во земјата и надвор од неа“, изјави Мицкоски.

Основното јавно обвинителство во Северна Македонија веќе има оформено предмет во врска со заплената на петте тони марихуана во Србија, случај за кој српските медиуми првично објавија дека дрогата била набавена од македонска територија.

Марихуаната беше запленета на 29 јануари во регионот на селото Коњух кај Крушевац, во централна Србија. Српската полиција ја оцени акцијата како најголема заплена на дрога во историјата на земјата, а вредноста на наркотикот се проценува на меѓу седум и десет милиони евра.

Можете да прочитате

Димитриевски: Јас од плата не живеам, немам проблем со намалување на функционерските примања

Во Македонија од 61 лиценцирана фирма, на 14 им е одземена дозволата за производство на канабис

Мицкоски: Ако ЕУ го гарантира идентитетот, нека го потврди со одлука