Утрински Весник
Македонија

Од денеска достапен нов портал со листа на закажани хируршки интервенции

20260204142623 big 730x400 34.webp.webp

Министерот за здравство Азир Алиу денеска го промовира новиот модул за електронска едвиденција за елективни хируршки интервенции во јавните здравствени установи. Пациентите што имаат закажано вакви интервенции преку порталот ќе може да видат кога им е закажана интервенцијата и да видат колку е долга листата на чекање. Министерот за здравство Алиу појасни дека на јавниот портал, кој се наоѓа на веб-страницата на Министерството, ќе биде достапна листа на закажани елективни хируршки интервенции, со јасна категоризација на интервенциите и стандардизирани правила за внесување и ажурирање на податоците.

– Со ова првпат како држава воспоставувме ред и јасен протокол на транспарентен начин да се води електронската евиденција за закажаните интервенции во здравствените институции. Целта е секој пациент да ја добие услугата прв дојден, прв услужен, како што е во моментот. Евиденцијата на хируршки интервенции се води во системот „Мој термин“ преку издавање упат со тип на болнички упат за операција што се издава од специјалист хирург, со уникатен број на упат и со сите потребни податоци за типот на операција од листата на хируршки интервенции, како и податоци за пациентот – рече Алиу.

Тој при денешната презентација на новиот модул за електронска евиденција нагласи дека утврдиле и одредени неправилности, меѓу кои и тоа дека упатите не се издаваат веднаш при утврдување на потребата за операција, туку пред самата интервенција.

– Второ, некои од установите и од лекарите користат друг тип на упат, конзервативен третман за евиденција на пациентите на листата, а лекарите ги водат листите во хартиена форма. И, трето, листите на чекање не се редовно прочистувани и од ова создаваат неточна перцепција за времето на чекање и реалните потреби на пациентите. Резултатот од анализата за 2025 година покажуваат значителна разлика меѓу бројот на реализирани упати, кој бил 58.648, податок земен од системот „Мој термин“, и реализирани операции – 93.510, исто така податок добиен од установите, што укажува на непочитување на законската регулатива – рече Алиу.

Министерот истакна дека на овој начин пациентите ќе знаат колкава е листата за чекање на елективни хируршки интервенции во болницата во која му е закажана интервенцијата, како и дека слободно може да пребаруваат по порталот и да добијат информации.

– Во однос на овие новини – до јавните здравствени установи што вршат хируршки интервенции веќе се испратени поединечни известувања со податоци од спроведената анализа. На установите поединечно им е посочено дали и колку се разликува бројот на извршени интервенции со бројот на реализирани упати за операција во системот „Мој термин“. На крајот, уште еднаш сакам да потенцирам дека со оваа новина ја унапредуваме транспарентноста, овозможуваме реално мерење на времето на чекање, а со тоа и подобро планирање и распределба на ресурсите, како и примена на европските практики во оваа област – истакна министерот за здравство, Алиу.

Можете да прочитате

Реализацијата на инфраструктурните проекти во фокусот на средбата Николоски-Памер

Ристески на трилатералната конференција „Зајакнати – развој на политики за вклучување на лица со попреченост”

Со сослушување сведок и вешти лица продолжи судењето во Велес за опожарената куќа во Капиново