Утрински Весник
Македонија

Алкохол, дрога и екстремна брзина носат затвор до 3 години – Новиот закон стапи на сила!

Minimal night traffic freeway crossroad album cover facebook gonderisi.jpg

Со најновите измени на Кривичниот законик кој стапи на сила од 01.02.2026 година, државата воведува драстично заострување на казнената политика за најопасните форми на сообраќајно однесување. Возење под дејство на алкохол и дрога, екстремно пречекорување на дозволената брзина, диви улични трки и управување моторно возило без возачка дозвола отсега ќе се третираат како кривични дела, за кои е предвидена затворска казна од три месеци до три години, парична казна и одземање на возилото.

Според законските измени, кривична одговорност ќе сноси секој учесник во јавниот сообраќај кој со своето однесување ќе ја загрози безбедноста, доколку управува моторно возило со концентрација на алкохол во крвта над 1,5 промили, вози под дејство на дрога или психотропни супстанции, се движи во спротивна насока на автопат или на пат со физички одвоени коловозни ленти, учествува или организира недозволени улични трки, како и ако ја надмине дозволената брзина за најмалку 50 километри на час во населено место или за најмалку 70 километри на час надвор од населено место. За овие дејствија, судот ќе може истовремено да изрече затворска и парична казна.

Една од клучните новини е можноста за конфискација на моторното возило со кое е сторено кривичното дело. Доколку сторителот во моментот на извршување управувал без право на возење или сторил тешко кривично дело поврзано со екстремна брзина, а возилото е во негова сопственост, тоа може трајно да му биде одземено. За повторните сторители, односно за лицата кои и претходно биле осудувани за кривични дела против безбедноста на јавниот сообраќај, одземањето на возилото станува задолжителна мерка.

Законот предвидува и одговорност за сопствениците на возилата. Ако моторното возило е во сопственост на трето лице, тоа може да биде одземено доколку се утврди дека сопственикот знаел или бил должен да знае дека лицето кое управувало нема возачка дозвола или нема право да управува со моторно возило. Со ова законско решение се настојува да се спречи практиката возила да се отстапуваат или „позајмуваат“ на лица без соодветна дозвола, без никакви последици за сопствениците.

Со заострувањето на казните, институциите испраќаат јасна порака дека дивеењето по патиштата повеќе нема да се толерира. По бројните тешки сообраќајни несреќи и загубени човечки животи, законодавецот се одлучи за репресивен пристап со цел превенција и радикално подобрување на сообраќајната безбедност. Комбинацијата од затворска казна, високи парични санкции и одземање на возилото треба да делува одвраќачки, особено кај рецидивистите и кај учесниците во диви улични трки.

Со овие измени се отвора ново поглавје во сообраќајната политика на државата, во кое безбедноста на граѓаните се става пред секоја форма на неодговорно и опасно возење. Дали строгите законски решенија ќе донесат реална промена на состојбите на патиштата ќе зависи од доследната примена на законот и од судската практика, но пораката е недвосмислена за најтешките сообраќајни прекршоци повеќе нема благи казни.

Можете да прочитате

Блокиран патот Ресен–Битола поради протест – 24info.mk

Министерство за здравство: Немаме директни надлежности во научната студија за мозочни примероци

Средба на Сиљановска-Давкова со швајцарскиот претседател Пармелан во Дубаи