
Луксузното општинско возило „Ауди А6“, набавено за 67 илјади евра во мандатот на поранешниот градоначалник на Струга, Рамиз Мерко, ќе се продава на јавна аукција за почетна цена од само 10.000 евра. Одлуката ја донесе Советот на Општина Струга.
Според општинските служби, возилото е предмет на годишна амортизација од 15 отсто, согласно важечките прописи, поради што неговата моментална проценета вредност значително е намалена. Проценката е извршена од овластен проценител, а токму таа вредност ќе биде и почетната цена на електронското јавно наддавање.
Дополнително, автомобилот бил сервисираn и поправан во два наврати во март 2024 и во јануари 2025 година при што за поправките биле потрошени околу 4.000 евра од општинскиот буџет.
„Крајната цена на возилото ќе се утврди во самата постапка на јавно електронско наддавање, во зависност од интересот на понудувачите“, информираат од Општина Струга.
Инаку, поранешниот градоначалник Рамиз Мерко беше ослободен од вина во предметот поврзан со набавката на ова возило, откако судот утврди дека не е докажано сторување на кривично дело, ниту намера за злоупотреба на службената положба.


