Утрински Весник
Скопје

Ѓорѓиевски ќе плати казна за непријавен имот

Orce gjorgjievski 2.jpg

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, следната недела ќе го пополни анкетниот лист за имотната состојба и ќе ја плати казната, откако не го пријавил имотот во рокот предвиден од Антикорупциската комисија. Ѓорѓиевски признава грешка и објаснува дека бил презафатен со обврски. Законскиот рок за поднесување на анкетен лист е 30 дена од изборот, а тој е избран пред повеќе од два месеца.

„Анкетниот лист бидејќи електронски се пополнува, морам да истакнам и тука да си ја признавам својата грешка, поради обврските во градот Скопје и обемната работа не стигнав изминатиот период тоа да го направам. Но јас веќе имав излагање дека мојата имотна состојба откако сум бил советник во Кисела Вода е непроменета и во периодот кога бев градоначалник и сега како градоначалник на град Скопје. Наредната недела ќе ја завршам таа обврска, до мене има стигнато еден платен налог, прекршочен и ќе си го платам, тоа си е моја кривица“, изјави Ѓорѓиевски.

Претседателот на ДКСК, Адем Чучуљ, потврди дека градоначалникот се уште не го поднел анкетниот лист за имотот од функцијата во Кисела Вода и за новата функција. Му се пуштени двата прекршочни налози, а ДКСК нема можност дополнително да го санкционира доколку казната е платена, што според Чучуљ е потреба за законски измени. Четворица судии исто така не поднеле изјава за имотот, за еден се води прекршочна постапка, за еден е застарена, а за другите двајца ќе се поведат дополнителни постапки. Судии и други високи функционери, како обвинители и министри, ќе бидат проверувани континуирано, а оваа година ДКСК планира да ја проверува имотната состојба на по 10 лица од овие категории.

Можете да прочитате

Во Скопје протестен марш за чист воздух

Општина Аеродром доделува еднократна парична помош за новороденчиња

Левица со Резолуција мерки за заштита на граѓаните од загадувањето од Усје