
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, остро реагираше на пресудата со која новинарката Љиридона Вејсели е казнета поради спомнување на име на судија во новинарско известување, оценувајќи дека ваквата одлука претставува сериозно ограничување на слободата на говор и удар врз новинарството. Мицкоски изјави дека новинарите имаат обврска етички да ја информираат јавноста и нагласи дека секој напад врз новинарската професија, без оглед од кого доаѓа, е недозволив.
Новинарката Вејсели претходно беше гонета од Обвинителството, а Основниот суд во Гостивар ѝ изрече парична казна од 700 евра за кривично дело „злоупотреба на лични податоци“, поради тоа што во новинарски текст било спомнато името на судијата Назиф Илјази од Основниот суд во Тетово.

