Утрински Весник
Македонија

ССМ најавува блокада на Собранието: Ќе им го затвори патот на пратениците

Slobodan trendafilov ssm.jpg

Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, јавно упати повик до претставник на Владата в понеделник, во 9 часот, да дојде во просториите на Синдикатот и да се потпише Колективен договор за зголемување на платите во јавниот сектор за 40 проценти. Овој повик доаѓа по обвинувањата од владејачките структури дека токму Синдикатот е виновен што ваквото зголемување не е реализирано.

Од ССМ изразија задоволство и благодарност за масовниот одѕив на работниците на големиот протест што се одржа во средата, но најавија дека борбата продолжува и следната недела. Трендафилов соопшти дека в понеделник ќе го објават точниот ден и начинот на блокада на пратениците како прва конкретна активност по протестот.

– Пратениците ќе бидат првите што ќе ги блокираме, затоа што цела година нè блокираат нас. Го чуваат законот во фиока и не сакаат да ги зголемат платите на работниците. Наредната недела ќе мора да дојдат пеш или со автобус, како што доаѓаат најголем дел од работниците. Ќе им го оневозможиме пристапот со автомобили и тој ден ќе останат и без патни трошоци. Тоа најмногу ќе ги боли порача Трендафилов.

Тој остро реагираше и на изјавите од ВМРО-ДПМНЕ и од премиерот Христијан Мицкоски дека нема зголемување од 40 проценти поради Синдикатот, посочувајќи дека доколку Владата навистина сака раст на платите, тоа може да се реализира веднаш со потпишување колективен договор.

– Нека дојдат в понеделник и нека потпишеме. Не може Владата да тврди дека сака да даде 40 проценти зголемување, а Синдикатот да бил против. Ние протестираме за 600 евра минимална плата денес, во 2026 година, а не за во 2028 истакна Трендафилов.

Претседателот на ССМ јавно говореше и за, како што рече, притисоците и заканите врз синдикалците и работниците. Покрај случајот во Македонски пошти, тој посочи дека притисоци имало и во Тутунски комбинат – Прилеп, како и од страна на Конфедерацијата на слободни синдикати. Најави дека во наредниот период, по добивање официјални потврди, ќе објави и имиња на директори на јавни претпријатија кои вршеле притисоци.

– Вработените во Пошта беа оставени да преживуваат во месец со најмногу празници, додека заменик-генерален директор ми се закануваше затоа што застанавме зад работниците и затоа што истиот ден мораше да им исплати плата – рече Трендафилов, барајќи негово итно разрешување.

Тој го повика и Државниот трудов инспекторат да утврди како во Пошта, непосредно пред протестите, бил формиран „итен“ синдикат, како биле собрани пристапници и како членови биле отпишувани од ССМ.

Трендафилов обвини дека на денот на протестот, вториот извршен директор во Тутунски комбинат Прилеп им се заканувал на вработените, забранувајќи им учество на протестот и вршејќи притисок да преминат во партискиот синдикат.

– Жалосно е што петтоколонашите доаѓаат од редовите на синдикатите. Ако некому навистина му се зголемила платата за 20 проценти, во ред. Но, ако не нека излезе од тие „слободни“ синдикати, затоа што очигледно се заробени порача Трендафилов.

На крајот, тој се осврна и на изјавата на гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, кој апелираше растот на платите да се темели на економски показатели и стабилност.

– Гувернере, вашата плата наскоро ќе се зголеми за 200 евра – порача Трендафилов.

Можете да прочитате

ВМРО-ДПМНЕ: СДС пресметале дека им требаат 110 милиони евра за минималец, но „заборавиле“ да кажат од каде ќе ги најдат

СДСМ: Затворањето на постмониторингот не е успех на Мицкоски ниту на неговата анти ЕУ кампања 

Четворица млади претепале обезбедувач и кршеле инвентар во кумановски локал