Утрински Весник
Магазин

На парализиран човек во Британија му е вграден чип на Неуралинк во мозок: Само ќе помислам и тоа се случува

20260129104422 big 730x400 53.webp.webp

Еден од првите луѓе во Велика Британија што го доби чипот во мозокот на компанијата на Илон Маск, „Неуралинк“, го опиша искуството како „волшебно“ и верува дека технологијата би можела да ги трансформира животите на луѓето со тешка парализа.

Себастијан Гомез-Пена, волонтер во првото британско испитување на уредот на Неуралинк, по несреќа остана парализиран од вратот надолу.

Водечкиот неврохирург во испитувањето рече дека нивото на контрола што го нуди чипот е „зачудувачки“ и дека би претставувало „пресвртница“ во медицината – објави „Скај њуз“.

– Вашиот живот целосно се менува кога одеднаш не можете да помрднете екстремитет, рече Гомез-Пена, кој доживеал несреќа по завршувањето на првиот семестар на медицинскиот факултет. „Овој вид технологија ви дава надеж на некој начин“ – додаде тој.

Тој е еден од седумте учесници во британско испитување насочено кон проценка на безбедноста и сигурноста на уредот.

За време на петчасовна операција во болницата на Универзитетскиот колеџ во Лондон (UCLH), на Себ му бил имплантиран чип во черепот кој се поврзува со 1.024 електроди имплантирани во неговиот мозок. Иако во постапката учествувале британски хирурзи и инженери на „Неуралинк“, самиот уред бил имплантиран од роботот R1 на „Неуралинк“, кој бил развиен за поставување микроскопски електроди во чувствително мозочно ткиво.

Електродите, чии нишки се околу 10 пати потенки од човечка коса, се вметнати околу 4 милиметри во површината на мозокот на Себ, во областа што ги контролира движењата на рацете. Нервните сигнали се пренесуваат до чипот, а податоците безжично се испраќаат до компјутер. Таму, софтвер базиран на вештачка интелигенција „учи“ да ги толкува сигналите, преведувајќи ги намерите на Себ да ги движи рацете – чија функција беше прекината по несреќата – во движење на курсорот на неговиот лаптоп или телефон.

– Секој во мојата ситуација се обидува да мрдне кој било дел од своето тело за да види дали има некакво закрепнување. Сега, кога само ќе помислам да ја помрднам раката, одлично е да видам дека нешто всушност се случува. Само ќе помислите на тоа и тоа ќе се случи – рече Себ.

За време на интервјуто, Себ ја демонстрираше технологијата со контролирање на курсорот на екранот на неговиот лаптоп. Тој брзо ги прелистуваше страниците од истражувачката работа што ја изучуваше за испитите на факултет, означуваше текст и отвораше и затвораше прозорци, исто толку брзо, ако не и побрзо, од некој што користи глушец или тачпад.

Неговите лекари, искусни неврохирурзи, беа подеднакво импресионирани. „Неверојатно е. Можете да го видите нивото на контрола што го има – рече Харит Акрам, неврохирург на UCLH и главен истражувач во британското испитување.

Иако проектот е сè уште во рана фаза, Акрам верува дека резултатите се ветувачки. На Неуралинк му беа потребни речиси 10 години за да ја развие технологијата на чипови, хируршкиот робот и алатките за вештачка интелигенција потребни за да ги убеди регулаторите дека е безбеден за тестирање на луѓе. Првиот уред беше имплантиран кај американски волонтер пред две години, а сега 21 лице во САД, Канада, Велика Британија и ОАЕ го имаат. Сите учесници страдаат од тешка парализа предизвикана од повреда на ’рбетниот мозок, мозочен удар или невродегенеративни заболувања како што е АЛС.

– Оваа технологија ќе биде пресвртница за пациентите со тешки невролошки оштетувања. Овие пациенти имаат многу малку опции што навистина би ја подобриле нивната независност, особено во овој свет зависен од технологија – рече Акрам.

Резултатите од испитувањето сè уште не се објавени во рецензирани списанија или поднесени до регулаторите. „Неуралинк“ одби да даде интервју, но обезбеди пристап до испитувањето. Мисијата на компанијата, како што се вели, е „да ја врати автономијата на оние со неисполнети медицински потреби и да отклучи нови димензии на човечкиот потенцијал“.

Некои корисници веќе ја совладале технологијата до тој степен што можат да пишуваат на виртуелна тастатура со „размислување“ за притискање копчиња, додека други го користеле уредот за контрола на роботска рака за да се хранат. Покрај ова испитување, кое ги таргетира областите од мозокот одговорни за движење, планирано е уште едно кое ќе ги таргетира регионите одговорни за говорот, со надеж дека би можел да се врати кај луѓе кои го изгубиле по мозочен удар или друга повреда на мозокот. Компанијата, исто така, планира да ја истражи можноста за враќање на видот со испраќање податоци од камери, преку чип, до центрите за вид во мозокот.

Но, основачот на „Неуралинк“, Илон Маск, има уште поголеми амбиции. На еден настан минатата година, тој ја изнесе идејата дека корисниците би можеле да го поврзат својот уред со робот „Оптимус“, кој го произведува неговата друга компанија, „Тесла“.

– Треба да можете да имате целосна контрола врз телото и сензорите на роботот Оптимус. Значи, во суштина би можеле да се „вселите“ во роботот. Не само за раката, туку целата работа – рече Маск.

– Тоа би било прилично кул. Иднината ќе биде чудна. Но, на некој начин, е одлична – додаде тој.

Потенцијалот на технологијата за луѓе со тешка парализа, со синдромот на „заклученост“ или дури и слепило е неоспорен. Но, таа исто така покренува важни прашања за безбедноста и приватноста на идните корисници.

Пред уредите да бидат одобрени за широка употреба, Неуралинк ќе треба да спроведе поголеми испитувања за да ја докаже својата долгорочна безбедност и сигурност. За разлика од другите инженерски потфати на Маск, овој се потпира на храбри и решителни волонтери како Себ.

Можете да прочитате

Нов закон во Русија: Доброволна самозабрана за игри на среќа како заштита од зависност

Најзначајните археолошки откритија во Туркије во 2025 година

Февруари носи пари за три хороскопски знаци: кој ќе почувствува напредок?