
Соопштение за јавност на Левица:
Со донесените измени на членот 353 од Кривичниот законик, власта на Мицкоски наместо да ја заостри казнената политика за злоупотреба на службената положба – таа ги намалува казните и декриминализира голем дел од корупцијата при јавни набавки!
Наместо да се донесе новиот Кривичен законик, на кој работеше група експерти и седум години стои во фиока, ДПМНЕ целосно ги игнорираше забелешките од експертите искажани на јавната расправа и ги донесе скандалозните измени на членот 353.
Со донесените измени од владејачкото мнозинство:
– се намалуваат минималните и максималните казни за злоупотреба на службена положба во држава која страда од неказнивост на функционери;
– за прв пат се воведува можност за условна казна со намалување на минималната казна на 4 години која претходно изнесуваше 5 години и не постоеше правна можност за условна казна;
– се намалува максималната казна за злоупотреба на службена положба на 8 години која претходно изнесуваше 20 години, што значи криминалот на функционерите ќе застарува за 16 години (наместо за 40 години како што гласеше претходното законско решение);
– се брише ставот кој предвидува одговорност за службените лица во органите на државната управа со што се амнестираат од одговорност министри, директори и други вработени во органите на државната управа.
Јасно е дека со ваквите штетни измени ќе следи уште побрзо застарување на криминалот од функционерите и службените лица и токму поради тоа го повикуваме Уставниот суд да отвори предмет за преиспитување на уставноста на измените на членот 353. Тенденцијата на корумпирана власт очигледно е да обезбеди идна амнестија за криминалните тендери доделени на фирми на роднини и пријатели на нивните функционери и повторно никој да не одговара за системскиот грабеж на парите на граѓаните.


