
Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) Оливер Миланов, заедно со стручни тимови од Агенцијата, неделава одржа работни состаноци со министерот за локална самоуправа Златко Перински и со градоначалникот на Град Скопје и претседател на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), Орце Ѓорѓиевски. На средбите беа отворени повеќе актуелни прашања од заедничка надлежност, за чие решавање е неопходна координирана институционална соработка.
Министерството за локална самоуправа, Град Скопје и ЗЕЛС изразија целосна поддршка за иницијативата на АХВ за изградба на гробишта за домашни миленици во општините. Според министерот Перински, со ова конечно би се ставил крај на долгогодишниот проблем по смртта на милениците, нивните трупови да завршуваат во комунален отпад или да се закопуваат на јавни и несоодветни површини, што претставува и здравствен и еколошки ризик. За таа цел, како што нагласи, ќе бидат потребни и соодветни законски измени.
Градоначалникот Ѓорѓиевски појасни дека во следниот период ќе се дефинираат соодветни локации во општините и ќе се планира неопходната инфраструктура, со цел гробиштата за миленици целосно да се стават во функција на граѓаните. Тој потенцираше дека локалните самоуправи ќе дадат целосна поддршка во реализацијата на овој проект.
Во рамки на состаноците, беше отворено и прашањето за справување со проблемот со бездомните кучиња. Ѓорѓиевски изрази подготвеност Град Скопје и општините активно да ѝ помогнат на АХВ, преку вклучување на општинските инспектори и комуналните редари во теренските активности.
Акцент беше ставен и на предложените системски решенија за намалување на популацијата на бездомни животни, преку воспоставување прифатилишта во секоја локална самоуправа. Овој пристап доби поддршка и од министерот Перински и од градоначалникот Ѓорѓиевски, кои најавија активно учество на општините во спроведувањето на претстојните законски измени.
Директорот на АХВ, Оливер Миланов, информираше дека во предложените законски решенија веќе се вградени забелешките и предлозите од здруженијата за заштита и благосостојба на животните, а дополнително ќе бидат земени предвид и сугестиите на општините.
„Како институција одговорна за здравствената заштита и благосостојбата на животните, Агенцијата за храна и ветеринарство ќе им излезе во пресрет на локалните самоуправи и ќе им помогне во решавањето на техничките прашања при воспоставувањето систем за контрола на популацијата на бездомни кучиња, во рамки на нашите надлежности и можности“, истакна Миланов.


