
Националниот парк Шар Планина упати итно предупредување до јавноста поради изразено зголемен ризик од лавини, особено на подрачјата над 1.700 метри надморска височина. Предупредувањето доаѓа откако на територијата на паркот веќе е евидентирана лавина, која, за среќа, поминала без повредени или загинати лица.
Од Националниот парк информираат дека актуелната состојба е резултат на специфична комбинација на временски услови – температурни колебања, засилен ветер и обилни снежни врнежи во изминатите денови, кои заедно со конфигурацијата на теренот довеле до нестабилност на снежната покривка.
По добиена дојава од операторот за слободно скијање со ратраци „Ескимо спорт“ за појава на лавина, екипи на Националниот парк излегле на терен и извршиле увид на локацијата. Претходно, тимови на операторот го пребарале лавинскиот терен со специјализирани лавински уреди и утврдиле дека во лавината нема затрупани лица. До овој момент, како што информираат надлежните, нема пријави за исчезнати лица.
Паралелно со теренската проверка, била извршена и стручна анализа на стабилноста на снежната покривка од експертски тим на образовна институција специјализирана за безбедност во планински туризам. Според нивната проценка, лавинската опасност е оценета со степен 4 – висок ризик, согласно европската скала за лавинска опасност (од 1 – низок до 5 – многу висок).
Од Националниот парк Шар Планина апелираат сите посетители да бидат исклучително внимателни, да избегнуваат движење во потенцијални лавински зони и да не се упатуваат кон повисоките делови на планината без придружба на стручно обучени и квалификувани лица. Воедно, се повикуваат посетителите навремено да ја пријавуваат својата посета преку официјалната веб-страница на паркот.
Стручните служби на паркот, во координација со туристичките оператори и експертите за лавинска безбедност, ќе продолжат со континуирано следење на состојбата и редовно ќе ја информираат јавноста за евентуални промени.
„Шар Планина нуди исклучителни зимски убавини, но тие бараат одговорно однесување, добра информираност и строго почитување на безбедносните правила. Лавините се тешко предвидлива природна појава и затоа личната безбедност мора секогаш да биде на прво место“, порачуваат од Националниот парк Шар Планина.

