
Иван Пешевски од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) попладнево на протест најави дека синдикатите секојдневно ќе бидат пред Владата сѐ додека не се исполнат барањата за зголемување на минималната плата на 600 евра, како и линеарно покачување од 6.000 денари за сите плати.
Тој порача дека работниците бараат вреднување на трудот и достоинствени примања, а не, како што рече, милостина.
„Велат дека не сме биле продуктивни, а тие се многу продуктивни со мерцедеси, поршиња и вили во Грција. Ако треба, ќе блокираме институции и ќе донесеме одлука за генерален штрајк – првпат во историјата на Македонија во приватниот сектор. Нека работат тие на скеле, нека работат во текстилни фабрики, нека сечат шуми, па нека видат како е 30 години да се биде работник. Доста е, време е да се разбудиме“, изјави Пешевски.
Според него, додека работниците секојдневно се соочуваат со прашањето како да ги прехранат своите семејства, носителите на одлуки уживаат во луксуз.
Протестите на ССМ продолжуваат со пораката дека работничките права и платите мора да станат приоритет, а одговорноста за следните чекори е кај Владата и институциите.

