
Полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал пронајдоа и запленија речиси пет килограми марихуана при полициска акција спроведена во Скопје, при што е лишен од слобода 36-годишен скопјанец, кому му е одреден притвор.
Како што информираат од Министерството за внатрешни работи, на 27 јануари 2026 година до Основното јавно обвинителство Скопје е поднесена кривична пријава против Н.А. (36) од Скопје, поради основано сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ по член 215 став 1 од Кривичниот законик.
Претходно, на 26 јануари 2026 година, на булеварот „Илинден“ во Скопје, при извршен преглед на патничко возило „ауди“ со скопски регистарски ознаки, управувано од пријавениот, полициските службеници пронашле две патнички торби исполнети со наркотична дрога – марихуана.
Според полицијата, осомничениот дрогата ја набавил со намера за понатамошна продажба на подрачјето на град Скопје. По извршеното вештачење, утврдено е дека во торбите имало вкупно 4.999,2 грама марихуана.
Н.А. е лишен од слобода и изнесен пред судија на претходна постапка, кој му изрекол мерка притвор во траење од 30 дена.


