Утрински Весник
Македонија

Андоновски: Со модерен Data.gov.mk ја отвораме државата кон јавноста

622352112 1488705343261887 1542199763983947878 n.jpg

Министерството за дигитална трансформација, во соработка со Фондацијата „Метаморфозис“, денеска одржа јавна расправа за Нацрт-законот за отворени податоци и повторна употреба на податоците од јавниот сектор, чија цел е унапредување на систематското објавување и користење на јавните податоци.

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, истакна дека транспарентноста и отвореноста претставуваат јасна и недвосмислена заложба на Владата, нагласувајќи дека јавните податоци треба да бидат достапни не само преку соопштенија и законски одлуки, туку и преку тековни анализи и работни документи на институциите, на еден јасен и систематизиран начин.

Тој потсети дека и досега постоел порталот за отворени податоци Data.gov.mk, но со ограничена употреба, поради што со новиот закон се предвидува прецизно уредување на правилата за пристап, објавување и користење на податоците од страна на државните институции.

Андоновски информираше дека Министерството спровело значајна техничка модернизација на порталот, при што е направена целосна бекенд-надградба и е заменет застарениот оперативен систем. Во рамки на унапредувањата, беше промовиран и ВИ чат-бот интегриран со порталот, развиен во соработка со Македонски Телеком и со поддршка од волонтери на Министерството.

Според министерот, чат-ботот, кој користи вештачка интелигенција, ќе им овозможи на граѓаните, невладините организации и заинтересираните субјекти полесно и побрзо да дојдат до потребните информации, без сложено пребарување низ големи бази на податоци, туку преку едноставни прашања.

Тој нагласи дека Нацрт-законот не е конечен и дека постои подготвеност истиот да биде дополнет и подобрен во согласност со сугестиите и потребите на засегнатите страни, со цел уште поголема транспарентност и ефикасно користење на јавните податоци.

Дополнително, Андоновски најави и идна техничка надградба на порталот Data.gov.mk, која ќе овозможи автоматско повлекување на податоците од институциите, без потреба од рачно објавување.

„Кога ќе се создадат висококвалитетни и обемни датасетови, тогаш и нивната употреба значително ќе се зголеми, бидејќи во моментов користењето е навистина ниско“, истакна министерот.

Нацрт-законот е подготвен во рамки на усогласувањето со правото на Европската Унија и европските политики во областа на отворени податоци и дигитална транспарентност.

Можете да прочитате

Казни до 400 до 5.000 евра за сопственици на домашни миленици, се подготвува нов Закон за заштита на животните

Четири лица уапсени во Муртино поради дрога

Лицата кои се обидоа да ја запалат синагогата во Скопје биле поврзани со Исламска држава, велат од АНБ