
Агентите на американската Служба за имиграција и царина (ICE) ќе бидат вклучени во обезбедувањето на претстојните Зимски олимписки игри во Милано и Кортина, потврдија извори од амбасадата на САД во Рим. Тие нагласија дека агентите ќе обезбедат само поддршка на дипломатските безбедносни тимови и нема да спроведуваат никакви имиграциски операции, објави АП .
Според истите извори, кои сакаа да останат анонимни бидејќи не се овластени да даваат јавни изјави, ангажирањето на федерални агенции како што се Истрагите за внатрешна безбедност (HSI), истражната гранка на ICE, е вообичаена практика за обезбедување на американски дипломати за време на големи меѓународни настани.
Реакција на градоначалникот на Милано
Веста за пристигнувањето на агентите на ICE, првпат објавена во текот на викендот од италијанскиот весник „Ил Фато Квотидијано“, предизвика остра реакција од градоначалникот на Милано, Џузепе Сала, чиј град е домаќин на повеќето спортски натпревари во затворен простор. „Тие не се добредојдени во Милано. Нивниот пристап не е во согласност со нашиот демократски начин на управување со безбедноста“, изјави Сала за RTL Radio 102.
Информацијата предизвика и мешани реакции од италијанските власти, кои првично се двоумеа да ја потврдат вмешаноста на американската агенција. Италијанскиот министер за внатрешни работи, Матео Пјантедози, во саботата изјави дека не добил официјална потврда за нивната улога, но додаде дека „не гледа во што би бил проблемот“, објави новинската агенција АНСА.
Потврдата за вмешаноста на ICE доаѓа во чувствителен момент, кратко откако италијанскиот државен радиодифузер РАИ објави снимка во неделата на која се гледаат агенти на ICE како се закануваат дека ќе го скршат прозорецот на возилото на новинарската екипа на РАИ додека снимаат извештај во Минеаполис.

