Утрински Весник
Македонија

Филков: Пронајдените 350.000 евра кај судија се симбол на распад на правосудството

77.jpg

Министерот за правда Игор Филков денеска на прес-конференција изјави дека Министерството подготвува конкретни мерки за надминување на системските слабости во правосудството, посочувајќи дека состојбите не смеат да се релативизираат или игнорираат. Како особено алармантен, тој го издвои случајот со апелацискиот судија Ѓоко Ристов, во чиј семеен дом во Неготино беа пронајдени 350.000 евра сокриени во ѕид.

Според Филков, овој случај дополнително ја нарушува довербата во судството и ја доведува во прашање самата функција судија, која, како што нагласи, треба да биде во служба на граѓаните, а не привилегија.

„Тоа не е само скандал, туку симбол на длабока системска слабост – симбол на култура на неказнивост, молк и меѓусебна заштита, која предолго ја разјадува довербата во правосудниот систем“, изјави министерот.

Тој посочи дека јавноста во изминатиот период била сведок на низа настани и случаи кои дополнително ја зголемиле загриженоста за интегритетот, одговорноста и функционирањето на судството и Јавното обвинителство. Долготрајното нерешавање на предметите за висока корупција и отсуството на институционален одговор за очигледни сомнежи, според него, директно ја рушат довербата во системот.

„Кога предмети за висока корупција стојат со години без разрешница, а сомнежите не добиваат институционален одговор, граѓаните со право прашуваат каде е правдата“, рече Филков.

Министерот упати критики и кон Обвинителството, укажувајќи на сериозни предизвици во неговото работење, како недоволна ефикасност, ограничени капацитети и недостиг на решителност во справувањето со најтешките облици на криминал. Истражувањата за перцепцијата на корупцијата, како што наведе, покажуваат дека довербата во судството и обвинителството е сериозно нарушена и дека таа не може да се врати преку ноќ или со една одлука.

Поради системските слабости, Филков истакна дека се потребни долгорочни и темелни интервенции со добро насочени реформи. Министерството за правда, како што рече, ќе реагира на сите случаи во кои постојат индиции за злоупотреби, а слабостите во системот ќе бидат адресирани преку соодветни институционални мерки.

Во таа насока, министерот информираше дека со новиот Закон за Академијата за судии и јавни обвинители, кој веќе е објавен на Електронскиот национален регистар на прописи (ЕНЕР), се воведува годишен прием во Академијата врз основа на прецизни проекции по судови и обвинителства, според апелациските подрачја. Се воведуваат и одделни јавни повици, при што кандидатите ќе аплицираат за конкретно работно место и уште во почетната фаза ќе се изјаснат дали ќе се обучуваат за судија или за јавен обвинител. Истовремено, се воспоставува мерит-систем за рангирање, со приоритет за најдобрите кандидати.

Филков потсети и дека е донесен новиот Закон за Судски совет, со кој се зајакнуваат механизмите за отчетност, транспарентност и одговорност, додека во владина процедура се законите за судска и јавнообвинителска служба, како и законите за плати во правосудството.

Во текот на 2024 и 2025 година, Министерството за правда спровело надзор во сите судови во државата, при што било утврдено дека пополнетоста на судиските места изнесува околу 67%, додека судската служба е пополнета само 36%. Овие бројки, според министерот, значат одложени рочишта, натрупани предмети и сериозен ризик за повреда на правото на фер судење.

Како одговор на ваквата состојба, Филков информира дека Министерството за правда доставило известување до Министерството за финансии со барање за итни вработувања во судската и јавнообвинителската служба. Барањето, како што нагласи, е засновано на детални податоци, конкретни потреби од терен и известувања доставени од Судскиот совет и Јавното обвинителство.

„Со овој институционален чекор очекуваме да се обезбеди функционалност на системот“, изјави министерот за правда Игор Филков.

Можете да прочитате

Со вкрстено испитување на сведок од ФЗО продолжи судењето за „Онкологија 2“ – тврди дека Фондот нема надлежност за финансиски контроли во УКРО

Мицевски: СДС и ДУИ застанаа против проектот „Безбеден град“

Пожарот кај Тутунски комбинат локализиран, нема повредени